Охриѓани денес на сцената на НУЦК „Глигор Прличев“ ќе имаат можност да уживаат во изведбата на танцовиот перформанс „Лиминално тело“ на кореографката Ивана Балабанова како дел од турнејата во рамките на проектот „Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“.

Вечерва охриѓани ќе можат да погледнат склоп на повеќе дисциплини во еден перформанс. Миксот е доста интересен. Резултат е на речиси едногодишно истражување на темата за лиминалноста. Живеење во еден меѓупростор, помеѓи две различни нешта, два различни простори, две емотивно различни состојби, временски пласмани… Суштината е живеењето во тој средишен простор каде нештата се неизвесни, во постојана транзиција. Појдов истражувајќи за лиминалноста така како што е пишувана од Виктор Тарнер и лица кои со години ја истражуваат оваа идеја за да дојдам до една одлука да ја анализирам како животот на секој еден човек во состојба на постојана лиминалност. Ние никогаш не излегуваме од таа транзиција за различни нешта. Ние сме постојано во лиминалност бидејќи секогаш чекаме нешто подобро да се случи, секогаш е малку подобро од претходно, но ова другово подобро никогаш не доаѓа и постојано сме во тој циклус на нешатата, вели Балабанова.

Со танчерите, додава, се обиделе секој на свој начин да ја истражи темата и тоа бил доста продуктивен и длабок процес. Најавува дека вечерва публиката ќе ужива и во одлични и впечатливи сценографски и светлосни решенија на сценографот Мартин Манев и светло дизајнерот Игор Митревски кои го надополнуваат целиот перформанс.

Навраќајќи се на своите почетоци, Балабанова, се присетува на љубовта кон танцот уште од ученичките денови кога во основоното училиште посетувала локална школа за хип хоп, за да после одредено време со групата со која биле формираат една посериозна група и почнуваат да креирааат и посериозни нешта од типот на претстави, перформанси и слично, создавајќи го притоа и „Битрикс културениот центар“ кој го води веќе речиси тринаесет години.

Главната идеја и визија на „Битрикс центарот“ всушност беше да се работи паралелно и на развивање на уметничкиот дух кај младите, не само на компетитивниот и комерцијалниот иако тоа е основното што ги привлекува младите. Се трудевме да ги отвориме видиците за други правци и да создадеме платформи за развој и соработка помеѓу локалните танцови центри, за соработка со други од надвор, преку на пример фесивалот „Битикс танцова лига“ кој го организираме, танцови работилници „Битрикс спешлс“, со цел постојано да има прилив на кореографии и предавачи кои можат малку да ни го променат секојдневието и да ни донесат нови знаења.

Работите, вели Ивана, вака се развиваа до пред две години, а во меѓувреме завршува и Акадмија за современ танц, по што се фокусира повеќе на својата креација, бидејќи вели многу време била фокусирана на креирање платформи и можности за сцената.

Најверојатно од тука доаѓа и потребата за проектот „Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“, бидејќи размислував што е тоа што недостасува на сцената. Факт е дека ни недостасува современа танцова компанија која би ги вработила современите дипломирани танчери и оние кои професионално се бават со танц. Тоа е и еден од главните проблеми, бидејќи танчерите се во една позиција каде или мора да работат и друга работа или се откажуваат од танцот по завршување на студиите, бидејќи немаат контекст во кој можат да работат, ниту континуитет на понуда. Ако се независни да речеме нема доволен број на понуди со кои тие би можеле финансиски да се издржуваат.

Оттаму, вели тргна идејата, но ова се секако мали чекори со оглед дека станува збор за едногодишен проект. Останува идејата истиот да може да продолжи и понатаму.

Во рамки на оваа година предвидовме да има три танцови резиденции кои на еден начин ќе ги ангажираат професионалните танчери за да имаат некаков континуитет во работата. И всушност тоа беше основата цел и идеја. Но, како што се развиваше проектот согледавме дека всушност не е потребно само да се ангажира и анимира локалната актуелната професионална танцова заедница, туку да се создаде мост помеѓу тие кои се во процес на едукација и тие кои се веќе завршени или професионално се бават со танц. Вусшност и тука постои огромен простор кој не е надополнет бидејќи не постои професионална соработка.

Трите циклуси, додава Ивана, започнуваат со отворени танцови работилници во кои право на учество имаат не само професионалните танчери, туку и тие кои се во едукативен процес за да се направи таа размена.

Оттука, кореографот селектира најмногу седум танчери кои продолжуваат да работат на создавање танцова продукција, која потоа има регионална турнеја во земјава најчесто, а последниот перформанс „Лиминално тело“ со поддршка од Министерство за култура е изведен и во Косово. Мислам дека навистина им беше значајно и на повозрасните и на помладите да работат заедно. Затоа што едните можат да учат од искуството на повозрасните, а другите се најдоа во една друга ситуација каде се развива еден хуманистички пристап.

Првиот циклус бил завршен во јануари. Идејата била да има и двајца интернационални кореографи и еден локален во насока на развој на соработка и поддршка за понатаму. Во иднина се размислува и за ангажирање и на повеќе локални кореографи.

Во јануари дојде првиот кореограф од Германија, Тобијас Дрегер кој работеше на првиот перформанс кој беше изведен во Скопје, Велес, Штип и Струмица. Вториот кореограф сум јас и со вечерашната изведба на перформансот во Охрид ја завршуваме регионалната турнеја. Перформансот беше изведен претходно во Скопје и Косово. Третиот перформанс е предвиден за во август и септември. Веќе е селектиран кореограф Карин Понтис од Белгија кој е доста искусен кореограф. Перформансот предвидено е да биде изведен во Скопје, Куманово и Битола. Целта е да се приближиме до публика на различни места во земјава, зошто и тоа недостасува. Се е поврзано. Од непостоење на институционална поддршка за да се продуцира повеќе доаѓа и неможноста да се изгради голема публика. Луѓето од сверата на уметност секако ги посетуваат овие настани, но неопходно е се повеќе да се придобие општата јавност. Современата уметност е доволно апстракна сама по себа, па ако нема доволен пласман ја губи својата публика.

Проектот, потенцира, постигна добар резултат досега и видливост. Реакциите на Амбасадата на Швајцарија кои ја препознаа идејата, но и на останатите кои беа присутни на настаните, организации со кои  соработувале или ќе соработуваат во иднина како Европската делегација, Американската амбасада, Гете Институтот, кои ги погледнале првиот и вротио перформанс веќе вели Ивана го увидоа прогресот во сето ова.

Мали чекори во развојот. За жал, имаме една тенденција во земјава да не се поддржуваме меѓусебно што е голем проблем и истиот се провлекува и во танцовата заедници бидејќи се создаваат некакви форми на кластери помеѓу они кои веќе се етаблирани и не се. Се борам постојано да ги сплотувам тие страни, бидејќи на тој начин би можеле да растеме. Едукацијата во сите сфери е неопходна и треба да дојде пред и се од старите генерации. Мали поместувања има и тоа ме радува посебно од помладите генерации, има некои млади кои се порационални и посвесни. Почнуваат да работат меѓусебно што дава надеж.

Во споредба со надвор за тоа колку имаме можност да ги платиме танчерите и уметничкиот тим вклучен во проектот драстични се разликите. Во првите два циклуси се вклучени по шест танчери и исто се очекува и во третиот да бидат вклучени максимално седум танчери. Над 35 пријавени професионални танчери имало на првата работилница.

Одлична беше реакцијата од досега изведените перформанси и едноставно требаше време впечатокот кај публиката да се среди по истите. Потоа следеа коментари дека навистина било силно за сетилата и чувствата, што ми е значајно бидејќи тоа и беше суштината на перформансот. Се обидовме да донесеме експериментален процес кој се надополнува со современиот музички израз на композиторот Алесандро Ола, со многу силни слики и светлосни ефекти и можеби на моменти е многу интензивно сето тоа чувство, а тоа е и суштината бидејќи таков е и животот.

Додава дека идејата профункционирала, но мора да се содзаде некој постабилен концепт кој нема да е само проектен за што потребна е секако финансиска поддршка.

Моето чувство е дека во моментов можеби и не ми се одврзани рацете доволно за да почнам да градам нешто толку силно тука, но со вакви мали зачетоци се надевам дека ќе се создаде поквалитено поднебје за сето тоа да се развие и кон тоа се стремам. Ми се допаѓа тоа што сцената полека се отвора, тоа е првото нешто по кое ќе се отворат другите нешта, додава Блабанова.

Tанцовиот перформанс „Лиминално тело“ вечерва ќе биде изведено со почеток во 20 часот.

Н.С.Ј.