Ја игра последната сезона, а започна да го пече и тренерскиот занает каде допрва треба да се докажува. Весна Балазоска која е синоним на женската кошарка во Охрид ја смета 2010 година за успешна, додека во наредната очекува таа да донесе позитивна клима во Охрид и Македонија. 

 – Најавив дека ова ми е последна сезона, бидејки мислам дека во Македонија време е да се издигне женската кошарка на повисоко ниво со млади кадри, бидејќи сметам дека квалитетот моментално е на многу ниско ниво. Од друга страна стартот на мојата тренерска кариера, го оценувам како успешен, школата Колибри во моментов брои околу 200 деца, и притоа учествува во системот на младинско натпреварување организирано во МКФ во 5 категории на младинци, кадети и помали пионери.

По што најмногу ќе ја паметите 2010 година, која според вас беше најпозитивната и најнегативната работа ? 

Како најпозитивна работа за мене претставува организирањето на меѓународниот камп во Албанија во Драч, како и добрите партии во првиот дел од полусезоната. Многу пријатели и познавачи на кошарката велат дека играм како во најдобрите мои натпреварувачки години, додека јас низ смеа им велам дека тие допрва може да следуваат доколку јас тоа го сакам.  Како најнегативна работа би ја навела финансиската состојба со која се соочува нашиот клуб. Слободно можам да речам дека покрај градоначалникот и Локалната самоуправа  која ни го обезбедува превозот и  директорот на “СРЦ Билјанини Извори“ кои ни ги обезбедуваат термините за натпревар, нашиот клуб е оставен сам на себе да се снаоѓа за сите други трошоци поврзани околу одржувањето на тренинг и плаќањето на судиски, делегатски, како и трошоци на гостувањата.

Како ги оценувате состојбите во спортот кај нас, Охрид, Македонија?

Состојбата на спортот во Охрид е очајна. Години наназад ние спортските работници и љубители на спортот многу пати сме пробале да промениме нешто, да покренеме иницијатива за многу прашања поврзани со проблемите во спортот на нашиот град, но сите тие обиди биле безуспешни бидејќи во Охрид постои едно непишано правило: “Колку и да си добар и позитивен и да придонесуваш за општото добро, секогаш ќе бидеш пречекан со отпор и љубезно заменет со некое ново некомпетентно лице“.

Дали мислите дека го следиме чекорот со светските збиднувања?

Спортот на светско ниво претставува бизнис, Македонија е многу далеку, поготово додека земјата ни се занимава само со политика, а не го носи најважното за нас спортистите, Законот за спорт, се тоа е премногу далеку.

Нескромно Балазоска смета дека таа треба да ја понесе наградата за најдобар спортист во Охрид. 

Прв пат ќе бидам малку себична. Сметам дека години назанад поточно од својата 10- та година активно се занимавам со спорт, претставувајќи го нашиот град успешно и достоинствено на многу спортски случувања во нашата земја и надвор, а до денес немам  добиено ништо повратно од овој град.

Луѓе со големи срца и душа му недостигаат на Охрид за тој да прерасне во спортски центар, смета Балазоска и додава :

Луѓе кои го сакаат спортот и ќе се трудат да преземаат соодветни мерки со цел да го издигнат на местото на кое заслужува, да биде-лидер во Македонија, а  преку спортот Охрид како град треба да ужива рејтинг на најпознато место на Балканот, кое ќе ги соединува сите спортски асоцијации и ќе ги обединува преку спортот.

Што очекувате од наредната 2011 година?

 Очекувам да се среди состојбата во нашата држава, да се донесат некои олеснувања за да може конечно некој да вложува и инвестира во спортот. Очекувам нашиот клуб “Колибри“ да прерасне во лидер во Македонија во младинските категории, бидејки години наназад се наметнавме со нашите таленти со вложување на многу труд на нашите тренери: Никола Михајлоски, Исмаил Даут и Гоце Митрески. Посакувам меѓународниот камп кој го организиравме оваа година во Албанија да прерасне во традиција и од година во година да биде помасовен и поуспешен.

М.П.