Повторно сликан Балкански рис на фотозамка во Национален парк „Галичица“. Во последните три години, ова е осмо забележување на рисот на територија на националниот парк, информираат од ЈУНП „Галичица“.

Во периодот кој следи, ќе бидат поставени дополнителни камери, со цел полесно утврдување на вкупната бројка на единки на балканскиот рис и други крупни цицачи. Секако, нема да изостанат ниту мерките за заштита на живеалиштата на балкански рис и директно спречување на криволов во НП „Галичица“, потенцираат од Установата.

Инаку, после педесетина години пауза, балканскиот рис за прв пат беше забележан во НП „Галичица“ во 2020 година. Потикнати од неговото присуство, ЈУНПГ заедно со МЕД/MES, во 2021 и 2022 година спроведоа мониторинг за утврдување на бројност на популации на срна и дива коза во НП „Галичица“, видови кои претставуваат омилена храна на балканскиот рис.

OhridNews

фото. НП Галичица