Враќање на спорот за името во рамките предвидени со резолуциите на Обединетите нации, интензивирање на разговорите со Грција и личен ангажман на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун се темите на кои било разговарано на средбата помеѓу македонскиот премиер Никола Груевски и Бан Ки-Мун.
Премиерот Груевски укажал дека Грција ги одбегнува напорите на пратеникот на Обединетите нации, амбасадорот Метју Нимиц, одолговлекува на неговите иницијативи и одбива средби и разговори.
„Начинот како сега се поставени работите не дава резултати, бидејќи другата страна успешно прави опструкции кои се во правец на одолговлекување и купување на време. Мислам дека ова веќе е препознаено и мислам дека ќе се промени играта, ќе се најде друг начин како да се придвижат работите, да станат поактивни и да се дојде до одредено решение. Тоа за нас како држава е многу важно, бидејќи покрај односите со нашиот јужен сосед, тоа го попречува и нашето членство во НАТО и во Европската Унија, што за тој дел на Европа е исклучително важно прашање”, изјави Груевски по средбата за македонските медиуми.
Груевски рекол дека Грција пет месеци одолговлекувала да даде каков и да е одговор на идеите за решавање на спорот кои Нимиц ги изнесе уште во април годинава, и поради ваквиот грчки однос, активностите се сведени на две или три средби годишно. За време на средбата, Бан понудил негов личен ангажман, да учествува во обид да се организира средба на највисоко ниво меѓу двете земји, што Македонија веднаш го прифатила.
„Првпат во нашите разговори генералниот секретар Бан Ки-мун изрази подготвеност и тој лично да се вклучи во разговорите, организирајќи средба на повисоко ниво. Јас тоа го поздравив и кажав дека во секое време сме подготвени за таква средба. Тоа би било еден нов момент, доколку се случи, и доколку и другата страна го прифати. Тоа ми укажува дека и самиот генерален секретар ја воочува тешкотијата на неговиот специјален претставник да има поинтензивни средби со двете страни, а камоли да не седне заедно, да разговараме во обид да се изнајде решение”, изјави Груевски и додаде дека грчките одолговлекувања не се должат само на тешката криза во оваа земја, туку и на смислена стратегија на Атина.
OhridNews
извор: Макфакс