Генералниот секретар на Обединетите нации-ОН Бан Ки-мун по средбата со претседателот Ѓорѓе Иванов одржана утрово во вилата „Билјана“ Охрид, изрази подготвеност да помогне за надминување на спорот со името.

-По завршување на мојата посета на Македонија,  мојот личен претставник  Метју Нимиц ќе отпатува во Грција и ќе ги иформира грчките власти за разговорите кои ги водевме тука, а јас ќе се обидам да закажам средба  со грчкиот премиер Самарас со цел да помогнам  да се забрза процесот за надминување на спорот за името. Жално е што две соседни земји не успеаа целосно да ги искористат своите потенцијали за регионална соработка, помирување и развој. ОН ќе сторат се што е во нивна моќ да го олеснат тој процес. Се работи за долготраен проблем. Свесни за пресудата на Меѓународниот суд на правдата, ќе ги земеме предвид сите аспекти, изјави Бан Ки-мун на прес конференцијата што се одржа по средбата со претседателот Иванов.


Запрашан дали го дели ставот на Грција дека Македонија и после 20 години се уште е закана за стабилноста во регионот, генералниот секретар на ОН го поздрави придонесот на Република Македонија кон градењето на мирот и безбедноста во регионот и го охрабри претседателот Иванов да продолжи со таквите иницијативи.

На средбата биле отворени прашањата за имплементацијата на Времената спогодба со Грција и пресудата од Хаг. Во тој контекст претседателот Иванов истакна дека разговорите за надминување на спорот треба да се водат во предвидената рамка утврдена во светската организација, како и да се почитува пресудата што ја донесе Меѓународниот суд во Хаг.

-Другата страна да покаже конструктивност и политичка волја за изнаоѓање замено прифатливо решение, да не ги минира разговорите со постојано одолговлекувања и навлегување во други прашања кои навлегуваат во сферата на индивидуалните човекови права, правото на  самоиндентификација и навлегуваат во сферата на човечкото достоинство. Затоа оваа рамка е дефинирана од ОН и затоа сметаме дека македонскиот јазик, македонскиот иденититет се неоспорен факт и реалност и нема да прифатиме да бидат предмет на ниту едни разговори или преговори. Затоа го  чекаме нашиот јужен сосед на преговарачка маса, да ја градиме нашата заедничката сегашност и иднина и подававме рака на пријателство и добрососедство, рече  Иванов потсетувајќи дека четири пати го поканил неговиот грчки колега на средба.


Одговарајќи на новинарско прашање дали Македонија чувствува меѓународен притисок за решавање на спорот за името, претседателот Иванов истакна дека Македонија во овие 20 години покажала конструктивност во процесот кој се одвива во рамки на ОН и подготвеност да се разговара за сите предлози и дека очекува иста конструктивност и од другата страна.

-Кога тоа ви станува услов за членство во ЕУ и НАТО дали има поголем притисок од тоа. Едноставно нашата иднина е блокирана од прашање кое доаѓа од минатото. Затоа ние сме посветени на иднината и бараме како што тоа го прават македонските граѓани да се надминат сите стравови и предрасуди од минатото, како што сите македонски граѓани летуваат во Грција без никакви проблеми, како што грчеките инвеститори инвестираат во Македонија, така таа нова реалност да ја следи и грчкото раководство, тоа бараме, изјави Иванов.



Генаралниот секретар Бан Ки-мун од Охрид замина за Скопје каде ќе има обраќање во македонскиот парламент и ќе се сретне со премиерот Никола Груевски.

Горан Момироски