Со специјален лет генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, пред малку пристигна на на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид од каде ја започнува официјалната посета на Македонија.
Првиот човек на ОН на охридскиот аеродром го пречекаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски, заедно со посредникот на ОН во спорот за името со Грција Метју Нимиц, кој исто така денеска допатува во Македонија.
Под посебен безбедносен режим придружуван од силно полициско обезбедување високиот гостин од аеродромот кон комплексот вили во Горица се превезуваше во новиот блиндиран „Мерцедес“ на македонската Влада вреден 600.000 евра. Колоната службени возила ја надлетуваше полициски хеликоптер.
Иако во утврдената агенда е наведено дека генералниот секретар на ОН ќе отседне во хотелот “ Инекс Горица“, до пладне таму немаа информација дека тој ќе престојува кај нив.
-Охридските хотели како и градот се подготвени да го пречекаат Бан Ки-мун, изјави менаџерот на хотелот „Горица“ Климе Ристески.
Домаќин на Ки-мун ќе биде Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој во негова чест вечерва во вилата „Билјана“ ќе приреди свечена вечера на која ќе присуствуваат и сопругите на двајцата политичари. На менито ќе има: ѓомлезе, крем од сирење, ќофтиња, пастрмка во сос, охридска торта и македонски вина.
Утре рано наутро предвидена е тет а тет средба Иванов – Ки-мун, по што ќе биде одржана заедничка прес конференција.
Како што е најавено, генералниот секретар на ОН, ќе ги разгледа културно историските знаменитости на Охрид, при што ќе ги посети Плаошник, Галеријата на икони и црквите Св. Богородица Перивлепта и Св. Софија, а во знак на сеќавање од претседателот Иванов на подарок ќе добие резба со историски мотиви.
Утре попладне Бан Ки-мун ќе отпатува за Скопје каде ќе се обрати во Парламентот и ќе се сретне со премиерот Никола Груевски.
Во раговорите со државниот врв ќе доминира прашањето за спорот за името, но не се очекува нов конретен предлог од медијаторот Метју Нимоц кој ќе го придружува генералниот секретар на ОН. Според најавите на средбите со Иванов и Груевски, ќе биде отворено и прашањето за грижата за Охрид како светско културно и природно богатство заштитено од УНЕСКО.
фото: Емил Јовановиќ