За Македонија слушнав уште како млад и учев за неа, истакна генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, во своето обраќање пред членовите на Иванов школата за лидери Алумни Асоцијација (ИСЛАА), синоќа во претседателската вила „Билјана“ во Охрид.

– Уште како млад студент во Кореа учев Македонија. Кога дојдов во САД и во Обединетите нации, повеќето од луѓето ми велеа Мацедониа и оттогаш велев Мацедониа. Оваа вечер претседателот Иванов ме потсети на нешто што одамна го имав научено – Македонија. Но, вие сега велите Мацедониа, рече Бан Ки-мун.


Зборувајќи пред идните лидери, генералниот секретар на Обединетите нации истакна дека силата на младите е огромна за што сведочат бурните настани во арапскиот свет. Тој го поздрави визионерството на претседателот за формирање ваква школа која секоја година во Охрид ги собира најамбициозните млади луѓе во земјата, на кои им порача да бидат солидарни со врсниците во светот.

-Насочете ги вашите амбиции за да обезбедите подобри услови за живеење, не само тука во Македонија, туку во целиот свет, станете граѓани на светот, порача Бан Ки-мун.


Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун

Школата за млади лидери што ја иницираше претседателот Иванов е формирана со цел да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците со кои се соочува модерниот свет.