Од 1 ноември, со стапување во сила на одредбите од измените во Законот за градење, сите административни постапки кои се спроведуваат во согласност со овој закон, ќе се водат исклучиво по електронски пат.

„Очекувам дека со овој систем сите постапки ќе бидат многу едноставни, многу брзо ќе се издаваат одобренија за градење, а ова ќе придонесе и за подобрување на рејтингот на Македонија во делот на одобренија за градење во извештајот на Светската банка, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

На електронски начин ќе се поднесуваат барањата за издавање на одобрение за употреба на градба, одобрување на идеен проект, одобрение за подготвителни работи, одобренијата за пренамена, реконструкција и адаптација, барањата за измени во текот на изградбата, за промена на инвеститор, како и барањата за издавање на решение за изведување на градби за кои не е потребно одобрение за градење.

Од 1 јуни годинава постапката за добивање на одобрение за градење започна да се спроведува по електронски пат и до сега се издадени 205 одобренија за градење, а поднесени се вкупно 1.044 барања. Со овие новини во електронскиот систем за издавање одобренија за градење, се заокружува постапката од Законот за градење, кој се однесува на „Е-одобренија за градење”.