Македонија и Европската комисија  -ЕК ќе воспостават дијалог на високо ниво што ќе се одржува два пати годишно во Скопје и Брисел со цел да се забрза имплементацијата на реформите, а во втората половина од оваа година ќе се одржи заедничка конференција посветена на економската поддршка на земјата. Ова денеска во Охрид го договорија македонскиот премиерНикола Груевски и претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, кој престојува во официјална посета на земјата, на која го придружува комесарот за проширување Штефан Филе.


Баросо посочи дека предложениот дијалог не претставува класичен мониторинг, туку механизам за унапредување на реформите на земјата неопходни за пристапување кон Европската унија.

– Дијалогот што на високо ниво ќе се одржува два пати годишно во Скопје и Брисел ќе се случува без оглед на пристапните преговори. Сметаме дека тоа е многу важно, но не би го нарекол скрининг, туку дијалог на високо ниво за реформите кои се одвиваат, со цел да ги поддржиме истите.-појасни  Баросо.


Претседателот на ЕК подвлече дека е многу важно Македонија да го задржи темпото на реформи, како и да го реши прашањето на името што е можно поскоро.

– Ние го дадовме нашиот предлог за отпочнување на преговорите, но за тоа да се случи потребно е да се реши прашањето за името и се надевам дека тоа ќе биде направено поскоро, а не подоцна, истакна Баросо. Тој рече дека на премиерот Груевски му ја посочил потребата од напредок во политичкиот дијалог, судската и административна реформа и борбата против корупцијата. Баросо побара и враќање на европската агенда во врвот на приоритетите, како и постигнување на консензус за стратешките цели помеѓу главните политички актери, односно, како што рече, да се создаде култура на компромис.

-Круцијално е следните избори да бидат целосно транспарентни и во согласност со меѓународните стандарди. Исто така сметам дека е клучно новинарите да можат да ги изразуваат своите гледишта слободно. Комисијата не се меша во посебни случаи но очекува објективна примена на законите.-
изјави на прес конференцијата по средбата со премиерот Груевски, претседателот на ЕК.


Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Груевски истакна дека заложба на Владата е во Македонија да има слободно новинарство во склад со европските стандарди и закони, кои, како што рече се очекува да бидат почитувани и од страна на медиумите.

-Тоа ќе остане дел од нашите заложби и во иднина во секој поглед, како во делот на законодавството во ЕУ за слободата на медиумите, така и на законодавството на ЕУ во другите делови кои што треба да ги почитуваат медиумите, пред се плаќањето на даноци и законското работење, рече Груевски.


Македонскиот премиер истакна дека спорот со името е уникатен предизвик кој ги загрозува националните интереси на земјата и дека ќе биде направено се тој што поскоро да биде надминат.

– Целта е да се изнајде трајно и одржливо решение кое ќе биде прифатливо за двете земји и народи. Решение кое ќе се базира на почитување на основните принципи и вредности на ЕУ и нема да наштети на националната, лингвистичката и културната самоидентификација на македонскиот народ и име. – рече Груевски.


Високата европска делегација во Охрид оствари средба и со претседателот Ѓорѓе Иванов. Претседателот на ЕК, Жозде Мануел Баросо, во хотелот „Инекс Горица“ одржа предавање за европските перспективи на земјата, а  предвидено е попладне тој да се сретне со лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на СДСМ, Бранко Црвенковски.

OhridNews