Италијанскиот калчолигаш Интер е најновата жртва на „валканата“ игра од Барселона на трансфер пазарот во овој летен преоден рок. „Нероазурите“ долго време преговараа за ангажман на Артуро Видал, но каталонците во најбрз можен рок ги договорија сите детали со Баерн Минхен и условите со Чилеанецот кој се обврза на тригодишна верност.

Интер не е прва оштетена страна од Барселона, бидејќи претходно шпанците ги замешаа прстите во трансферот на Малком во Рома од Бордо. „Волчицата“ подготи пречек за Малком кој требаше да слета во Рим, но тој доцна во ноќта заедно со својот агент отпатува за Барселона и го засили шпанскиот состав.

Барселона ќе им исплати 27 милиони евра на „баварците“ за трансферот на чилеанскиот репрезентативец кој е четврта нова аквизиција на Камп Ноу. Малком, Артур и Клемент претходно го засилија бранителот на трофејот во шпанската Ла лига.

31-годишниот фудбалер во Баерн Минхен помина три сезони, а пред тоа играше за Јувентус, Баер Леверкузен и Коло Коло.

OhridNews