Во петок во Лондон ќе стартува завршниот турнир во кошаркарската
Евролига, за титулата најдобар тим на Стариот континент ќе се борат
Олимпијакос, ЦСКА Москва, Барселона и Реал Мадрид.

Инаку овие четири екипи заедно имаат 18 шампионски титули – најмногу
титули има Реал, осум, но ‘кралскиот клуб’ цели 13 години чека нова
титула. Следува ЦСКА со шест, додека Барселона и Олимпијакос имаат по
две титули.

Грчкиот тим, чии дрес го носи Перо Антиќ, кој ќе биде репрезент на
македонската кошарка на завршниот турнир, во Лондон ќе ја брани
европската круна освоена мината сезона во Истанбул.

Лани, Олимпијакос во драматичното финале, со кошот на Принтезис во
последната секунда, ја совлада ЦСКА, а распоредот посака оваа сезона
овие две екипи да се сретнат во полуфиналето.

Во однос на минатогодишното полуфинале Олимпијакос претрпе неколку
измени во составот, а од клупата си замина и тренерот Ивковиќ, неколку
играчи смени и ЦСКА, а најзначајната промена кај рускиот шампион се
случи на тренерската позиција на која се врати Еторе Месина.

Натпреварот Олимпијакос-ЦСКА ќе започне во 18 часот, три часа подоцна е
закажан почетокот на кошаркарското ‘Ел Класико’, дуелот помеѓу Реал и
Барселона.

Во досегашниот дел од сезоната, вечните ривали се сретнале три пати, во
шпанското првенство резултатот е 1-1, додека Барса го победи Реал во
четвртфиналето на купот.

Во оваа пресметка нема фаворит, Реал е сезонава во подбра форма, но
Барселона покажа дека последните години има против игра за екипата од
Мадрид.

“Макфакс“