Охридскиот аеродром беше сведок на одлична летна сезона засилена со сезонските и чартер летови до Белград, на Air Serbia и до Манчестер и Лондон (Гетвик), на TUI, велат од ТАВ Македонија.
Најчеста дестинација за патување за трите квартали од 2023 година, јануари – септември, од охридскиот аеродром е Базел (21,5% удел на пазарот), потоа Виена (21%), Дортмунд (16,4%), Меминген (11,9%), Малме (9,4%), Цирих (9,3%), Амстердам (8,8%), а останатите дестинации имаат 0,5%.
Навистина сме среќни што забележуваме зголемување на бројот на патници за 30% за аеродромите во Скопје и Охрид во споредба со статистиката од 2022 година. Посебно ни е драго што за само 9 месеци од 2023 година, со 2,4 милиони патници, речиси го достигнавме бројот на опслужени патници во целата 2022 година. Ова претставува продолжување на позитивниот тренд на закрепнување, а она што нè прави особено горди е што статистиката на воздушниот сообраќај за двата македонски аеродроми не само што ја надминува референтната 2019 година за 15%, туку ги надминува прогнозите на ACI* за обем на патници на глобално ниво во 2023 година, што е 94,2% од нивото од 2019 година. Очекуваме до крајот на оваа година, со новите линии и новите авиокомпании кои влегоа на македонскиот пазар, заедно со извонредноста во нашите услуги што ги даваат нашите посветени и ориентирани кон клиентите колеги, ќе ја заокружиме 2023 година како година на рушење нови рекорди, вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Во моментов, според распоредот на летови, од Меѓународниот Аеродром Скопје летаат 14 авиокомпании до 41 дестинација, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, 2 авиокомпании летаат до 6 дестинации.
OhridNews