Од 17-ти до 21-ри јули на 4 локации во Охрид ќе се одржува седмото издание на „Фестивалот на нов европски филм Beach Film Festival Охрид 2024“. Овогодинешното издание нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид.

Оваа година имаме четиричлено жири кое се состои од: Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете Институт), кое ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување. Исто така е оформено и тричлено жири кое ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм, а кое се состои од: Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски.

BEACH FILM FESTIVAL ОХРИД е од големо значење како културен настан во државата бидејќи привлекува млада публика (18-35 години) која е исклучително тешко во денешно време да биде анимирана и ангажирана да проследи европски кинематографски остварувања, во време кога на сите платформи се промовираат новите холивудски блокбастери. Поттикнувајќи ја филмската писменост, фестивалот служи како доказ за моќта на киното во премостувањето на културите, промовирањето на различностите и разгорувањето на страста за раскажување приказни. Без разлика дали сте филмофил, млад филмски режисер, филмски ентузијаст, или едноставно поединец кој сака да го истражи богатството на европската кинематографија, овој фестивал е правата дестинација за ова лето.
OhridNews











