Бебе од неполна година, е втор случај регистриран во Македонија со западно-нилска треска, информираат од Министерството за здравство. Станува збор за бебе од неполна година, кое не патувало надвор од државата, а симптомите на болеста започнале пред неколку дена, по што било хоспитализирано на Клиника за детски болести со покачена температура, течна столица и секрет од нос. Во моментов, бебето е во добра општа состојба и пуштено е на домашно лекување.
Ова е втор случај на западно-нилска треска во државата за 2013 година. Станува збор за заболување што се пренесува со каснување од заразен комарец со вирусот на западно-нилска треска.
Кај најголем број заболени, болеста може да помине асимптоматски (без симптоми), додека кај помал дел од заболените се јавуваат симптоми како висока температура, треска, главоболка, мачнина, замор, а само кај еден отсто може да се јават посериозни компликации (менингитис, енцефалитис, полиомиелитис-парализа). Најдобра превентива е самозаштитата (користење креми и средства против комарци), како и дезинсекцијата на јавни површини.
OhridNews
извор:Макфакс