Шест студенти од катедрата за реклама  и односи со јавност на „Поинт Парк“ Универзитетот  во Пенсилванија, САД, ќе го поминат летото во Охрид, со цел да креираат кампања за зголемување на бројот на туристи во Македонија. За време на својот престој тие ќе креираат мениа, логоа, постери и други промотивни материјали за Охрид.

-Целта е преку соодветна маркетинг стратегија и промоција да привлечеме туристи од САД во Македонија. Тие не знаат многу за Македонија и токму затоа ќе биде изготвена оваа студија.-истакна Роберт Вилдход, студент на
„Поинт Парк“ Универзитетот  во Пенсилванија.
-Прекрасната природа и богато културно историско наследство кое го има Македонија, ќе го привлече вниманието на американските туристи.-додаде неговата колешка Џејми Форзет.

Фокусот на кампањата ќе биде ставен на таканаречената „бејби бум“ генерација во САД, за што ќе биде изготвена специјална програма.

-Ќе креираме маркетинг план за привлекување на „бејби бум“ генерацијата во Охрид и Струга. Тоа се луѓе родени помеѓу 1946 и 1964 година и ги има 74 милиони, а дневно се пензионираат по околу 20.000 илјади од нив. Тие не знаат за Охрид и затоа ние ќе им ги откриеме неверојатните убавини, гостопримството и прекрасната храна  тука, а тоа е повеќе од добра причина американците да го посетат Охрид кој е неоткриена дестинација со огромен потенцијал.-изјави проф. Д-р Јохан Ијсел, од Факултетот за комуникации при на „Поинт Парк“ Универзитетот  во Пенсилванија.

Домашните експерти со умерен оптимизам гледаат на иницијативата, која според нив може да биде успешна доколку профункционираат и меѓусебно се поврзат државните и локални институции, бизнис секторот и образованието.

– Не треба да мислиме дека преку ноќ со едно истражување наеднаш ќе го освоиме американскиот пазар. На почеток треба да видиме како тие размислуваат и да создадеме услови и стратегија за настап на американскиот пазар. – вели проф. д-р Сашо Корусоки, декан на ФТУ Охрид.

Проектот го реализират Универзитетот „Поинт Парк“ и невладината „ММХ“, со поддршка на пратениците од дијаспората, Кластерот за туризам на Југозападниот плански регион, Агенцијата за поддршка и промомоција на туризмот и ФТУ Охрид. Истражувањето на туристичките потенцијали на Македонија ќе се одвиваат до 27 јули, кога ќе бидат презентирани резултатите, кои треба да помогнат да се изготви стратегија за настап на американскиот пазар.

Г. Момироски