Дипломатите во Македонија продолжуваат да соработуваат со партиите за излез од политичката криза во која се најде земјата. Ова денеска во Охрид го изјави амбасадорот на САД Џес Бејли.

-Заедно со мојот колега од Европската делегација сме во контакт со партиите и работиме со нив на изнаоѓање решение за излез од политичката криза. Нашaте посветеност е силна и продолжуваме да работи на тоа. – истакна во кусиот одговор на новинарско прашање, амбасадорот Бејли.

Бејли денеска во Охрид присуствуваше на меѓународната конференција за активен туризам, која е поддржана од USAID и владата на Швајцарија.

Тој рече дека Американската амбасада во Македонија со задоволство ја поддржува оваа конференцијата за развој на туризмот на којашто се дојдени над 300 делегати од целиот свет. Оваа конференција што се подготвува веќе две години е составен дел од нашите напори во проектот за поддршка на мали бизниси, појасни Бејли.

-За развој на активниот туризам потребна е цела мрежа на мали претпријатија низ целата територија на Македонија како водичи, туроператори, угостители, хотелиери и слично коишто ќе учествуваат во процесот. Овие мали бизниси најчесто не се лоцирани во урбаните центри и во туристички атрактивните локации, туку напротив во руралните области, во националните паркови така што треба многу напор да се пристапи до нив. На овој начин се развива локалната економија затоа што преку активниот туризам студиите покажуваат дека од секој потрошен долар на туристите 65 проценти останува на локалната економија за разлика од друдите видови на туризам масовниот туризам, ол инклузив пакетите каде што максимум 17 проценти од потрошените средства на туритите придонесуваат за развој на локалната економија. Луѓето во активниот туризам бараат култура, природа, автентични искуства кои доаѓаат од директните контакти со локалното население. Кога ќе се земат предвид овие фактори Македонија е многу добро позиционирана да може да учествува во овој активен туризам, меѓутоа има уште многу да се работи на развивање на овие мрежи што ги спомнавме за да придонесат за квалитетна услуга. – рече амбасадорот Бејли.

Конференцијата за активен туризам продолжува со работа со специјални сесии и средби на туроператорите од светот со домашните агенции.

OhridNews