Легендарниот германски тенисер Борис Бекер потврди дека и во наредната сезона ќе биде дел од стручниот штаб на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ. Српскиот тенисер и Бекер соработката ја започнаа во 2013 година, оттогаш Ѓоковиќ играл шест финалиња на Грен слем турнироте и освоил четири титули.
„Продолжуваме да работиме заедно и во 2016 година. Новак има одличен тим и горд сум што сум тука“, изјавил Бекер за Bild.
Под водство на Бекер, Ѓоковиќ се врати на првото место на АТП листата и ја зголеми предноста во однос на најголемите ривали Роџер Федерер и Енди Мари.
Германскиот тенисер е поранешен број 1, во кариерата освоил шест Грен слем титули, носител е на златен олимписки медал во игра на двојки, а со 17 години, во историјата е запишан како најмладиот шампион на Вимблдон.
Во богатата кариера Бекер забележал 713 победи и освоил 64 титули, а со Германија двапати ја освојувал титулата во Девис купот (1988, 1989).
Ohridnews











