Рестрикции на струја ќе нема, иако ќе биде тешка зима не само за Северна Македонија туку и за регионот и глобално поради криза во енергетиката, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, кој учествува на МЕФ Енергетскиот форум во Охрид.

Се прават сите подготовки посебно од страна на ЕСМ за да го зголеми производството и согласно нивниот доставен план веќе е зголемено производството. Во однос на цените најголемиот товар ќе падне на тие што грејат базени, кои имаат можност да ги плаќаат сметките, што трошат колку што трошат 100 просечни домаќинства во државата месечно. Во делот на просечните граѓани, оние кои трошат просечно согласно сите параметри и нивните потреби, за нив можеби ќе има и помали сметки со воведување на блок тарифите. Секако дека сите треба да бидеме свесни и посветени да се обидеме да заштедиме што повеќе елетрична енергија зашто ова не е криза само на Северна Македонија, ова е глобална криза, истакна Бектеши.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски денеска уште еднаш повтори дека просечната цена на струјата за 98,8 проценти од домаќинствата ќе се зголеми за 7,4 проценти, а само оние 1,2 отсто кои трошат енормно, ќе плаќаат енормно.

РКЕ воведе концепт на блок тарифи со цел да им се помогне на најранливи категории на потрошувачи, но да им се помогне и на домаќинствата што немаат друг избор и друг начин за греење освен електрична енергија и поради тоа блоковите ги проширивме само во висока тарифа до 1050 киловатчасови. Проверете во која било земја во регионот дали има толку високи блокови. Јас ви тврдам најодговорно и цврсто стојам позади тоа дека блоковите кои се определени во Македонија се највисоки во регионот, изјави Беслимовски, одговрајќи на новинарско прашање на денешниот МЕФ Македонски енергетски форум 2022.

Тој тврди дека кај 59,9 проценти од потрошувачите во зимскиот период зголемувањето ќе биде 6,6 проценти, кај 20-30 проценти ќе биде од 6,6 до 8,7, кај три проценти од 8,7 до 11,2 а кај тие што трошат многу ќе биде од 11,2 до 99-100 проценти.

Во однос на читањето на броилата граѓаните да бидат сигурни дека на никој нема да му одговара да се одолговлекува читањето на броилото. Значи, првиот блок е 210 киловатчасови за пресметковен период од 30 дена. Доколку операторот на мрежата бил неодговорен и го прочитал броилото не за 30 туку за 300 денови за тој потрошувач првиот блок ќе биде 300 дена по 7 киловатчасови на дневно ниво ќе биде 2.100 киловатчасови. На граѓаните ќе им одговара дури и да не се чита толку редовно бидејќи блокот ќе се зголемува. Затоа ви кажувам, за 300 дена ако не се прочита броилото првиот блок не е 210 киловатчасови, туку е 2.100 киловатчасови. Значи, направен е концепт којшто постојано ќе прави притисок врз ЕВН да ги отчитуваат броилата. Колку се зголемува времето на отчитување толку секој блок се зголемува за тие денови, посочи Бислимовски.

Македонскиот енергетски форум МЕФ 2022 се одржува денеска и утре во Охрид и на него е предвидено да учествуваат повеќе од 50 домашни и интернационални панелисти, експерти, високи институционални претставници и останати клучни чинители во енергетскиот сектор во вкупно седум панели, а главниот фокус на овогодинешното издание е ублажување на тековната енергетска криза преку праведна и демократска енергетска транзиција.

Петтото издание на МЕФ е во организација на ЗИП Институтот, Владата на Република Северна Македонија под покровителство на кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, Амбасадата на САД во Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.

OhridNews