Охрид е една од општините ширум земјава која изминативе години се соочува со негативен природен прираст и намален демографски раст на населението. За овој сериозен проблем кој е карактеристичен за повеќето населени места во Македонија, говорат податоците на Државниот завод за статистика, намалениот број на живородени деца и се помалкуте првачина во училишните клупи.
Овој негативен тренд кој со децении е присутен на европското тло, долг период е подложен на темелни и комплексни анализи кои треба да ги утврдат причините за „белата чума“. Меѓу нив, се вбројуваат сиромаштијата, лошата економија, невработеноста, но и намалениот број на склучени бракови, односно зголемувањето на разводите.
Според Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, отворањето на 11-те нови Советувалишта за брак и семејства во земјава меѓу кои и Охрид, ќе бидат во функција на зголемување на наталитетот и подобрување на демографската слика на населението.
„Ова советувалиште ќе придонесе за надминување на проблемите и намалување на бројот на разводи во земјава, односно ќе биде во функција на зголемување на наталитетот. Ќе можат да бидат вклучени и сите оние граѓани кои стапуваат во брак, со цел да се запознаат со нивните права и обврски дополнителтно. Даваме можност да помогнеме како Министерство за труд и социјална политика и Центри за социјлна работа, едноставно да бидеме поблиску до граѓаните и да им овозможиме бесплатна услуга во надминување на проблемите и предизвиците, односно во обезбедување на здрава и нормална средина за сите граѓани.“ – истакна министерот Спасов, при вчерашното отворање на првото советувалиште за брак и семејство на територијата на општина Охрид кое ќе функционира во склоп на Центарот за социјална работа.
Околу 40-тина брачни двојки на годишно ниво од Охрид се одлучуваат преку развод да ги надминат конфилктните состојби во семејството. Како што потенцира директорот на општинскиот Центар за социјална работа, Екрем Каљоши, стручните работиници постојано работат на оваа проблематика и преку совети се обидуваат да им укажат на брачните партнери за надминување на нивните проблеми.
„Стручните профили кои ќе бидат ангажирани во советувалиштето за брак и семејство се педагог, психолог, социјален работник и правник. Ова ќе биде уште една форма за надминување и идентификација на конфилктните состојби во семејството со цел да им се даде совет за надминување на таа ситуација. Центарот ќе има советодавна функција, а изборот е на партнерите.“ – потенцира Каљоши.
Друг податок кој говори за намалувањето на наталитетот во општина Охрид е се помалиот број ученици кои со години наназад се запишуваат во основните училишта. Како што неодамна потенцира градоначалникот Никола Бакрачески, Владата сериозно размислува како да се справи со овој сериозен проблем за една заедница.
„Тоа е факт кој треба да не загрижува сите, не само во Охрид туку и во целата држава. Тоа е еден тренд којшто изминативе неколку години, можам да кажам една до две децении наназад, ја прати популацијата во целата република.“ – изјави неодамна градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Загриженост за падот на прирастот на населението претходно изрази и Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
„Ме загрижува фактот што секоја година имаме се помалку и помалку првачиња, што е резултат на намалениот наталитет и се помалиот природен прираст на нови генерации во Македонија.“ – истакна Ристовски.
Од друга страна, голем дел охриѓани сметаат дека негативниот природен прираст се должи на невработеноста и лошата економска состојба во земјава, поради која младите не се одлучуваат да стапат во брак.
„Сите тие негативни појави се должат на невработеноста и лошата економија. Младите немаат пари и едноставно не се доволно храбри да се впуштат во „авантурата“ наречена брак. Кој не би посакал многудетно семејство. Беспарицата си го направи своето, не ги поштеди ниту градовите во Македонија.“ – велат охриѓани.
Иако не постојат конкретни податоци колку млади охриѓани го напуштиле родното место, добар дел од нив својата среќа ја бараат не само во главниот град, туку и вон градниците на татковината. Ако на тоа се додаде и новата генерација матуранти која веќе привремено се иселува од Охрид, надлежните во идниот период ќе имаат полни раце работа како да го спречат овој негативен тренд.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2013-та година општина Охрид бележи намален наталитет, односно родени биле 122 деца, а бројот на починати лица изнесува 151.
O.T.