На многубројните шарени пауни кои се препознатлив белег на манастирот „Свети Наум“, им се придружија и два бели пауни кои ќе ја разубавуваат прекрасната околина на ова свето место. Овие таканаречени „рајски птици“ кои се еден од симболите на христијанството, се подарок од Зоолошката градина од Белград, Србија со посредство на Лајонс клубот „Лихнидос“ од Охрид.

 

Според проф. д-р Зоран Тунтев од лајанс клубот „Лихнидос“, идејата за оваа интересна иницијатива е поврзана со една од легендите за изградба на манастирот „Свети Наум“.

-Многу легенди за Свети Климент и Свети Наум се поврзани со присуството на бели пауни на ова поднебје. Најдрага ми е легендата за договорот кој го имале двајцата светци да изградат два манастири во исто време. Токму поради тој договор тие измислиле начин за комуникација од Плаошник до Свети Наум со поставување на јаже на кое секое утро давале сигнал дека започнуваат со градба, а на крајот на денот дека завршуваат со градежни работи. Во прво време двата манастири се граделе истовремено. Еден ден бел паун од страната на Свети Наум му дал лажен сигнал на Свети Климент дека започнуваат со градба и тоа според легендите е причината зошто Свети Климентовиот манастир на Плаошник е прв изграден, раскажува Тунтев.

Тој објаснува дека во потрага по белите пауни кои спаѓаат во групата на ретки украсни птици, се обратиле во неколку соседни земји, но разбирање и желба за соработка имало единствено од страна на управата на Зоолошката градина од Белград, која и покрај тоа што располагала со само два бели пауни, одлучила истите да ги подари на манастирот „Свети Наум“.


Проф. д-р Зоран Тунтев

Директорот на белградската зоолошка градина Србољуб Алексиќ, кој лично ги донесе пауните во Свети Наум вели дека му претставува особена чест и задоволство што со овој чин ја продолжува традицијата на подарување која оваа институција долгогодишно ја негува.

-Белградскaта зоолошка градина има долгогодишна традиција да им помага на манастирите во Србија и таа помош воглавно се реализирала со подарување на домашни животни кои манастирите ги користеле да зачнат сопствено стадо. Еден ден заѕвони телефонот во мојата канцеларија и од другата страна ми се јави човек кој се претстави како Зоран, професор од Охрид и ми ја презентираше својата идеја и причините поради кои има желба во манастирот да бидат доведени бели пауни. Јас размислив дали да ги подариме нашите пауни, а тоа размислување траеше само неколку секунди, што значи дека веднаш прифатив да помогнам во реализирање на оваа идеја, раскажува Алексиќ.


Србољуб Алексиќ – директор на Зоолошката градина во Белград, Србија

Тој објасни дека првично планирале да подарат само еден паун, но потоа одлучиле да ги подарат двата пауни.

-Паунот без пауница не е комплетен, слично како и човекот без жена, а и сета негова раскошна убавина доаѓа до израз кога тој се додворува на женката и ги шири своите крилја. Се надеваме дека следниот пат ќе дојдеме тука ќе може да видиме и мали бели пауни, рече Алексиќ, потенцирајќи дека особено му е драго што на некој начин нивната зоолошка градина ќе остави трага во манастирот „Свети Наум“ кој според него е едно од најубавите православни места на светот.

Инаку подарените бели пауни се стари околу три години и според Алексиќ не бараат посебни услови за хранење и се одгледуваат слично како и шарените пауни. Нивната разлика е единствено во пигментот, кој белите пауни не го поседуваат и затоа имаат бела боја.

Во знак на благодарност за убавиот гест директорот на Зоолошката градина од Белград од манастирот Св. Наум доби пригодни подароци, а тој на манастирот му подари монографија од институцијата со која раководи.

Елена Михајловска