Позициите на Македонија по самитот на НАТО во Чикаго, на кој земјата не доби покана за членство во Алијансата, поради тврдата грчка позиција на Грција, е непроменета, оценува министерот за одбрана Фатмир Бесими.
Според него Македонија по Чикаго е на вистинскиот пат, односно останува посветена на својата определба за членство во НАТО, што како што рече, е нејзин интерес.
– Во Чикаго се потврдија позициите дека Република Македонија ги исполнува критериумите за членство и дава придонес во меѓународните мисии на НАТО, а самитот беше прилика и да потврдиме дека Македонија останува на тој пат и посветено работи на евроатлантските интеграции, изјави денеска во Охрид, министерот Бесими.
Тој го истакна фактот дека огромно мнозинство од граѓаните од над 90 проценти е за влез во НАТО, а 70 отсто се согласуваат со членство во ЕУ, за што постои и политички консензус во земјата, нагласувајќи дека евроинтегративните процеси не смеат да се употребуваат во дневнополитички цели.
– Евроинтегративните процеси не се теми за дневно политичко профитирање, туку се теми од стратешки интерес за Република Македонија и сите треба да го дадеме својот придонес на најдобар начин земјата што побрзо да ја постигне целта, односно членство во НАТО и ЕУ, а тоа не се цели сами по себе, туку се цели што промовираат мир, стабилниост и демократија во земјите што се членки и тоа е процес кој ќе продолжи и по членството во НАТО и ЕУ, рече Бесими, кој во Охрид учествува на Меѓународна научна конференција посветене на безбедноста и евроатлантските перспективи на Балканот.
На свеченото отворање на конференцијата се обрати и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која истакна дека една од примарните задачи на секоја држава е да воспостави силен и сеопфатен безбедносен систем, на што посветено работи нашата држава.
– Предизвиците со кои се соочуваме денес не секогаш имаат национален предзнак, односно проблемите што може да се препречат пред нас подеднакво може да ги чувствуваме сите во регионот. Во таа смисла нашето делување секогаш треба да биде двонасочно, национално и меѓунационално, истакна Јанкуловска.
На Конференцијата учествуваат 90-на експерти од 7 земји од високо образовни институции од Југоисточна Европа.
Меѓународниот научен собир е во организација на Факултетот за безбедност-Скопје при Универизтетот „Свети Климент Охридски” во соработка со Факултетот за безбедносни студии во Љубљана, Словенија; Полициската академија ,,АлеџандруИоан Цуза” во Букурешт, Романија; Криминалистичко-полициската академија во Белград, Србија; Високата полициска школа на МВР од Хрватска; Академијата на МВР на Република Бугарија и Високата школа за внатрешни работи, Босна и Херцеговина, Република Српска.
Учесниците ќе дебатират за Евроатланските интеграции и перспективи на Балканот; Менаџирањето со ризици и кризи како безбедносен предизвик; Образованието за полициските и други безбедносни професии; Науката за безбедност, криминолошките полициските и криминалистичките и други сродни науки-теориски, епистемолошки и методолошки проблеми на науката и системот на науки и многу други теми од областа на безбедноста.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com