
Заинтересираните пензионери може да се пријавуваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија од 15 јануари до 16 февруари, најави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Корисниците на пензија коишто во 2014 година добиле право да ги користат услугите од проектот Бањско климатска рекреација нема да може да ја користат услугата „Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година”.
„Со проектот е планирано да се опфатат до 3.000 корисници на пензија, односно лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија и вклучува услуга која може да се користи еднаш, во период од април до ноември 2015 година, во траење од 3 дена и опфаќа: 2 полни пансиони (2 ноќевања со три оброка дневно), односно пристигнување во петок попладне, а заминување недела попладне, и автобуски превоз до хотелскиот објект“, истакна Спасов.
Приоритет ќе биде даден на пензионерите коишто имаат понизок износ на пензии, лицата кои се подолго време во пензија, пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност, односно над 80 отсто, лицата корисници на право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и додаток за слепило.
Министерот Спасов рече дека за реализацијата на овој проект се обезбедени 10.760.000 денари, а со него ќе се овозможи дополнителна поддршка на туристичките центри и капацитети во Република Македонија и нивниот понатамошен развој.
OhridNews
Извор:„Макфакс“












