По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, под мотото „Гласник на слободата“, Министерството за култура се приклучува во централната прослава, организирана од Владата, со многубројни пригодни манифестации, изложба, концерти на млади уметници и на оперски арии, проекции на наградувани филмови од македонската понова продукција.

Под наслов „Отворен ден за граѓаните“, ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии и археолошки локалитети.

На 8 септември без надомест ќе бидат отворени археолошките локалитети „Стоби“, „Херaклеја“, „Баргала“, Мегалитската опсерваторија „Кокино“, Меморијалниот центар АСНОМ-Пелинце, потоа „Куќата на Робевци“ во Охрид, црквата „Свети Спас“ во Скопје, Музејот на отворено во Тумба Маџари во Скопје, Музејот за тутун и „Участакот“ во Прилеп, Турската пошта и Галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет Тивериополски маченици“ во Струмица, Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Археолошкиот музеј – Скопје, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на современата уметност, Националната галерија на Северна Македонија: Даут-пашиниот амам и Чифте амам, како и Уметничката галерија во Тетово.

Низ државава, во рамките на програмата „Отворен ден за граѓаните“, вратите ќе бидат отворени и во музеите и во заводите во: Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, во музеите во Струга, Куманово, Гевгелија, во Историскиот музеј во Крушево, во Музејот на Тетовскиот крај, како и во Музејот на албанската азбука – Битола и Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево.

Во овие национални установи посетителите ќе имаат можност да се запознаат со постојаните археолошки, етнолошки и историски поставки кои се наоѓаат во установите и кои претставуваат пресек на културниот и историскиот развој на овие региони, соопшти Министерството за култура.

OhridNews