ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања-Охрид „Св. Стефан“ и оваа година се приклучува во одбележувањето на Светскиот ден на хипертензијата, како една од активностите со кои придонесуваат во превенција на кардиоваскуларните заболувања.

Светскиот ден на хипертензија се одбележува на 17 мај, а Крка – Фарма ДООЕЛ Скопје во соработка со Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид организира настан за подигање на свесноста на граѓаните на општина Охрид за значењето на хипертензијата како еден од најзначајните ризик фактори кои го засегаат здравјето на луѓето.

Оваа година го потенцираме значењето на физичката активност во превенцијата од кардиоваскуларен настан и мозочен удар, со потикнување на граѓаните на физичка активност и придржување кон препораките за превенција или терапијата доколку се веќе дијагностицирани. За таа цел ќе се прават бесплатни прегледи на граѓаните на два означени пунктови со банери од Крка Фарма Скопје, поставени по кејот на Охридското Езеро каде ќе се мери крвен притисок и делат совети и информативни материјали од страна на докторите од оваа институција и присутните претставници од Крка – Фарма ДООЕЛ Скопје. Во настанот ќе ги вклучиме и нашите пациенти кои се кај нас на стационарна кардиорехабилитација, велат од Болницата.

Посочуваат дека хипертензијата (покачен крвен притисок), согласно податоците на Светската здравствена организација, е одговорна за 7.6 милиони смртни случаи годишно на светско ниво (13.5% од вкупниот број смртни случаи), повеќе од било кој друг ризик фактор. Околу 54% мозочни удари и 47% од коронарната артерриска болест се предизвикани од покачен крвен притисок.

Утрешната активност во Охрид предвидено е да се реализира во периодот од 12.00 до 15.00 часот.

OhridNews