Децата со посебни потреби од Центарот за дневен престој и индивидуална работа „Радост“ ќе добиваат бесплатна и континуирана стоматолошка грижа од Стоматолошкот центар „Д-р Баткоски“. За таа цел денес беше потпишан Меморандум за соработка.

Како институција која што има искуство во работа со ваквиот тип на пациенти, ние со задоволство го склучуваме овој Меморандум за соработка и сакаме на дечињата тука да им понудиме бесплатни стоматолошки услуги, односно тоа би опфаќало бесплатни стоматолошки прегледи, пломбирање на запчиња, чистење забен камен, залевање на фисури односно заштитување на трајните запчиња за да не се расипуваат како превентивна мерка, и секако по потреба доколку е индицирано од стоматолозите кај нас, лечење на корен на заб, односно ендодонција, вадење на млечни запчиња доколку е неопходно, како и различен вид на консултации, додаде Блажеска.
Од Дневниот центарот нагласуваат дека овие услуги не се луксуз, туку суштински дел од здравствената заштита и квалитетот на живот.
Кај овие деца, грижата за оралното здравје има уште поголемо значење бидејќи многу од нив имаат дополнителни предизвици при одржувањето на хигиената и посетата на стоматолог. Прво, многу важно е посебниот пристап. За овие деца потребно е малку повеќе време, малку повеќе трпение. Не секој стоматолог е во можност тоа да го овозможи. Потоа превенцијата, односно редовните прегледи овозможуваат проблемите да се откријат навреме, за да не дојде до поголеми проблеми, па потоа да стане и покомплицирана самата интервенција, затоа што многу често кога треба да се вади заб или се прави друга интервенција, на овие деца им е потребна и анестезија која што се прави дури во Скопје на клиника, при што многу е битно ако може да се превенира да не дојде до поозбилен проблем, вели Весна Габелоска од Здружението ВОПС.
Грижата за оралното здравје, потенцира е важна и за правилната исхрана, истакнувајќи дека здравите заби овозможуваат полесно џвакање, внесување на храната, спречување болки и инфекции, како и живот без болка и пристап до соодветна здравствена грижа.
Ова е особено важно, имајќи предвид децата со церебрална парализа и развојни нарушувања можат да имаат и дополнителен ризик од забите и непцата, а пристапот до соодветен стоматолог е често тежок. Меморандумот за соработка што го потпишуваме денес со стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ е од големо значење затоа што овозможува не само повремени стоматолошки прегледи, туку да се воспостави и една континуирана соработка која што ќе обезбеди бесплатни превентивни прегледи, превентивна заштита на забите, навремено лекување и посебен пристап кој што е потребен за овие деца, додава Габелоска, изразувајќи голема благодарност до „Д-р Баткоски“ за оваа хумана поддршка.
Со Меморандумот се опфатени сите 17 корисници на Дневниот центар „Радост“ на возраст од 4 до 22 години, а истиот опфаќа период од една година со можност за негово продолжување.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска


















