Бремените жени од средината на март ќе добиваат таблети фолна киселина и јод, бесплатно, заради правилен развој на плодот и намалување на ризикот од понатамошни здравствени нарушувања на новороденчињата. За таа цел, Министерството за здравство ќе потроши 12 милиони денари.

Таблетите на трудниците дома бесплатно ќе им ги доставува патронажна сестра, која при своите посети ќе им дава и совети на трудниците за здрава исхрана и животни навики во текот на бременоста.

Исто така, во тек е изработката на електронски мајчини книшки, со што здравствените домови ќе имаат точна  евиденција за сите бремени жени, а на тој начин и патронажните сестри ќе ја добиваат листата на трудници кои треба да бидат посетени. Сепак, се остава можност, овие суплементи да ги даваат и матичните гинеколози или пак, жените да ги подигнуваат од здравствените домови.

Според министерот за здравство, Никола Тодоров, целта на проектот е поголема достапност на овие таблети до сите бремени жени, особено до оние кои се социјално ранливи категории.

„Во некои држави како САД, Канада, Велика Британија, воведени се задолжителни програми за супелметација на фолна киселина за време на бременоста, а во дел на државите во САД суплеметацијата е бесплатна. Министерството за здравство, од средината на март ќе обезбедува бесплатна терапија од утврдување на бременоста до завршување на 13 гестациска недела“, рече Тодоров.

Професионалните здруженија од областа на гинекологијата советуваат дека со редовно консумирање на овие таблети се намалува процентот на предвремени породувања, анемија, дефекти на невралната туба и се намалува процентот на деца родени со ниска родилна тежина. Во земјава појавата на анемија кај децата и жените е на високо ниво, а истражувањата за јодниот дефицит покажуваат дека повеќе од 40 отсто од испитаните бремени жени имале недоволен внес на јод.

Недостатокот на јод за време на бременоста може да предизвика нарушување на мозокот на фетусот, што пак предзвикува ментална ретардација и намалување на коефициентот на интелегенција, кај новороденчето.

OhridNews

Извор:„Макфакс“