Во Центарот за култура „Григор Прличев“, денеска со почеток од 12 и 30 часот ќе биде отворена втората заедничка изложба на клубот за цртање „Арс Вивенди“, кој функционира во рамките на Црвениот крст од Охрид.

Изложбата насловена како „И пак тука“, на охриѓани ќе им долови 40-тина дела од неколку најталентирани членови на клубот, работени во различни техники. На часовите кој веќе два месеци ги водеше талентираниот студент од УИНТ, Филип Стојковски, младите надежни творци ја  искористија својата креативност, односно енергијата ја насочија кон создавање ремек дела.

Ова претставува цреша на шлагот, односно резултат од овој трет циклус на бесплатни часови за цртање во просториите на Црвениот крст од Охрид. Околу 2 месеци траеше подготовката, а изложбата насловена како „И пак тука“ е селекција од најталентираните и најангажираните членови и нивните најубави дела.“ – вели  битолчанецот Филип Стојковски, кој веќе втора година волонтира во ОО Црвениот крст од Охрид.

Курсот на охриѓани им понуди можност за презентирање на замислените  идеи, изучување на методите на цртање, односно подобрување на перфомансите.

Арс Вивенди е клуб за цртање и уметност, кој иако е аматерски по природа, сепак амбициозен и ревносен во однос на естетските и уметничките предизвици. Сето тоа ставено во служба на похуман Охрид, односно промоција на хумани вредности и одбележување на 150 години хумантирана акција на Црвениот крст.“  – додава Стојковски.

Всушност, оваа изложба претставува крај на програмските активности, каде ќе бидат презентирани делата на членовите од „Арс Вивенди“. Како што истакна Стојковски, целта е да се види напредокот кој го имаат постигнато талентираните уметници за релативно краток временски период од само два месеца.

Ќе бидат изложени околу 40-тина дела на 7-8 цртачи кои се изработени во различни техники. Всушност, оваа е втора изложба, со поголема селекција од минатиот пат.“ – истакна Стојковски.

Инаку, веќе втора година по ред во просториите на Црвениот крст Охрид се одржува циклус на бесплатни часови за цртање. Љубителите на уметноста и сите оние кои имаа афинитети да ги направат првите чекори кон уметничките води, имаа ретка можност да ги совладаат техниките на цртање преку едукативно интерактивен процес.

О.Т.