Бесправно се гради објект во близина на Самуилова тврдина на само 30 метри од влезот реагираат граѓани во допис со медиумите. Велат се гради објект од тврда градба без дозвола.

Првично на 26.01.2023 направено е ископување на земја од минимум 3 метра во длабочина, а во тој дел на градот без претходно археолошко истражување не може да започне ни дозволена градба, а не пак дивоградба. На 27.01.2023 на терен излегол вработен од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, и го документирал местото со фотографии. На 01.02.2023 започнато е со градба, цементирани се стопи и потпорен ѕид. Градежните работи продолжија и во наредните денови, реагираат граѓаните во дописот.

Додаваат дека во услови кога Охрид како град под заштита на УНЕСКО, посебно стариот дел на градот, со градење без дозвола се прекршуваат правилата и прописите на светската организација за заштита на културното и историско наследство, кои се од непроценлива вредност за Охрид и Република Македонија.

Од Општина Охрид велат дека е пристигната пријава за наведената градежна парцела, извршен е увид и составен е записник.

Овластениот градежен испектор при Општина Охрид изврши увид на лице место, констатирана е фактичката состојба и составен е записник. При тоа информирани се НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј“, Државниот градежен инспекторат и Управата за културно наследство. Постапката по овој предмет продолжува согласно законските прописи, додаваат од Општина Охрид.

Врз основа на Решение за увид бр. 02-138/1 од 27 јануари од страна на стручни лица-археолози на НУ Завод и Музеј Охрид направен е увид на КП 15805/1 КО Охрид 3, Општина Охрид на ул. „Кузман Капидан“, вели за OhridNews Тања Паскали Бунташеска, конзерватор-советник при НУ Завод и Музеј Охрид.

При извршениот увид е утврдено дека на предметната парцела е започнато со вршење на земјени работи со механизација, без запазување на пропишаните законски процедури и кои во текот на увидот беа стопирани од страна на НУ Завод и Музеј Охрид, а воедно беше информиран и сопственикот дека треба да престане со сите активности преземени на предметната парцела. За затекнатата состојба на предметната парцела изработен е Извештај од извршен увид на КП 15805/1, бр. 09-138/2 од 27 јануари и истиот е доставен до Управата за заштита на културно наследство -Скопје со цел постапување согласно нивните надлежности, додава во писмениот допис до нашиот медиум Паскали Бунташеска.

Но, вели и покрај тоа што сопственикот бил информиран за прекинување на сите активности, истите продолжиле со изведба на темелни стопи, шаловање на потпорен ѕид и слободностоечки столбови како и бетонирање на истите.

Повторно стручно лице-дипл.инж.арх. направи увид на изведените градежни активности и констатира дека сите градежни активности се изведени без обезбедување на соодветна техничка документација и соодветно конзерваторско одобрение. За горенаведеното повторно се изработи Извештај од извршен увид при изведување на бесправна градба на КП 15805/1 од 3 февруари и истиот повторно се испрати од наша страна до Управата за заштита на културно наследство -Скоппје како надлежна институција за нејзино понатамошно постапување. Напоменуваме дека НУ Завод и Музеј Охрид согласно утврдените законски надлежности нема издадено никаква согласнот за градба, потенцира Паскали Бунташеска.

Н.С.Ј.