Бесправното градење и депониите остануваат и натаму најгорливи проблеми со кој се соочува НП Галичица. Сепак радува фактот што се намалени криволовот и бесправната сеча и што се менува перцепцијата за вредноста и важноста на паркот. Ова беше истакнато на одбележувањето на двегодишнината од постоењето и делувањето на Здружението на љубители и поддржувачи на НП Галичица Охрид.

Колку ние чистиме тие повторно фрлаат, иако сликата не е иста како од пред 20-тина години, но сеуште имаме такви потешкотии со кои се срамиме и пред туристите и оставаме многу негативни последици на идните генерации и на самата природа. Но, како најголем проблем секогаш го споменувам бесправното градење на луѓе моќници посебно покрај езерската шир. Поднесуваме поднесоци низ годиниве до надлежните институции, кои се неажурни кога треба да си ја завршат работата. Со оглед дека доста луѓе не се санкционирани на другите им даваат мотив да продолжат со такви бесправни дејствија. Пишуваме пријави, ги санкционираме, особено на државно земјиште, но сега, согласно законот е и ако се гради надвор од државен урбанистички план да пријавиме. За жал, епилогот е многу слаб, потенцира Јовчевски.
Вели дека сепак населението го менува низ годините моделот на навики, па сега се бави со хотелиерство, ресторански услуги, етно села, апартмански туризам, продажба на домашни производи.
Генерално, ако некогаш имале поинаква перцепција за паркот сега го гледаат како свој пријател. Затоа и заедно се организираме со луѓето и целта беше да го привлечеме нивното внимание, бидејќи блиску 20% од паркот е приватна сопственост и неможеме да ги заобиколиме тие луѓе. Во оваа насока и како Здружение придонесот за изминативе две години постоење е изрзен преку реализирани низа активности како чистење на депонии, пријавување на сторители, неколку учества во пожари, превенција, заштитата, унапредување, контакт со населението, помош, справување со африканската чума, помош во одржувањето на инфраструктурата, чистењето на патишта… Се ова е во склоп на нашите активности и како Здружение така ќе продолжиме и понатаму. Соработуваме и со Македонското еколошко друштво и Националниот парк, заеднички со патроли, за да придонесеме за што побезбедна и понапредна Галичица, потенцира Јовчевски.
Антонио Додевски од Планинската спасителна служба Охрид вели во изминати 25 години има сериозен напредок во однос на недозволивите активности во Национален парк, како што се недозволени сечи, недозволен лов, но остануваат горливите проблеми кои ги истакнуваат од паркот, како што се дивоградбите во заштитеното подрачје, депониите, кои колку и да се обидуваат волонтерите заедно со ренџерската служба да ги решат сеуште постојат.
Но, мора да констатираме дека во овие изминати 25 години значително е променето целокупното доживување и разбирање на важност и вредноста на Националниот парк како природна вредност, од особено значење и за локалното население, меѓутоа и пошироко за општеството, односно државата. Исто така, мора да се потенцира дека е многу важно тоа што во изминатите веќе 20 години паркот значително ја промени својата политика на делување, односно самиот престанок на сеча на шума, експлоатација на шумите за финансирање на институцијата. Од друга страна, воведувањето и поддршката на голем број рекреативни активности, кои што ги практикуваат луѓето во паркот. Зборуваме за една навистина диверзификација од активности, од полесен тип, пешачење до сериозни спортски активности како алпинизам, параглајдинг, така што сите овие нови современи методи на управување и развој на самата институција, мислам дека има сериозен напредок, истакнува Додевски.
Потенцира дека треба да се размислува и говори повеќе и на напредокот, што е направено изминатиот период, а не само на негативните страни, бидејќи и во најразвиените држави ги има.
Важно е што сме направили во изминатиот период сите заедно. Здружението кое е формирано од љубители на паркот може многу сериозно да придонесе во деликатни, комплексни ситуации, не само со превентивни мерки и со промоција туку и со чистење на депонии, помош при гасење на шумски пожари, помош при разни спасувачки операции што се случуваат во паркот. Ова придонесува паркот да е една сериозна дестинација во очите на посетелите и туристите. Потпишавме меморандум за соработка, затоа што клучно за нашето делување, јас тоа го препознавме заеднички, и во нашата стратегија, и во стратегијата на здружението, е дека е многу важно да се окрупнуваме, односно што повеќе волонтери да се вклучуваат. Колку повеќе луѓе сме со исто размислување, толку е поголема силата. Токму од таа причина одлучивме да се обединиме. Ние сме можеби различни по природа на делување, меѓутоа, волонтерите се волонтери, и во секој случај може едни на други да си помогнеме, вели Додевски.
Соработката, вели, е изразена преку обуките кои што ПСС Охрид ги прави за волонтерите на Здружението да бидат пред се безбедни кога се движат на планина, да можат да укажат помош, соодветно да реагират во одредени ситуации.
Од друга страна, ние се вклучивме со целиот наш потенцијал во големиот шумски пожар кој ја зафати Галичица од 2024 година. Едноставно не штедевме ресурси. Тие се ресурси кои се намените за спасување на луѓе, меѓутоа ги ставивме во функција на гасење на пожарот. Така што тоа се многу примери преку кои што соработката е возможна и е нужна. Едноставно, ние не сме голема заедница, ниту локално гледано како територија на паркот, како општина, туку и како држава. Ние сме држава со мал број жители. Едноставно, мора да го цениме придонесот од секој доброволец, волонтер кој што го дава во било која сфера, потенцираше Додевски.
На денешниот настан за одбележување на двегодишното делување на Здружението на љубители и поддржувачи на НП Галичица Охрид беа доделени благодарници на сите кои низ овие години дале својот придонес за паркот.
Фото галерија:
Здружението на љубители и поддржувачи на НП Галичица одбележа две години постоење
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска












































