Откако граѓаните преку OhridNews апелираа дека веднаш до црквата „Св. Богородица Болничка“ во старото охридско јадро, бетонска корпа за отпадоци подолг временски период е претворена во маса, се огласија од семејството Поп Маркови.
Како што велат од ова охридско семејство, „бетонската корпа“ всушност претставува камен-толчник, за кого се врзани низа настани со нивната фамилија.
„Каменот служел како толчник, нешто како аван, само што можел да собере повеќе. Главно се точело жито или кафе, а исто така комшиите од другите куќи доаѓале тука да толчат.“ – вели Горан Поп Марков.
Дека каменот датира многу оддамна, говори изгравирана година на неговата површина. Според Поп Марков, неговиот дедо ја вметнал во толчникот во далечната 1929-та година.
„На каменот е изгравирана годината, 1929. Таа претставува година на реновирање на куќата, после големиот пожар кој ја зафатил претходно, па дедо ми како спомен ја вметнал на каменот.“ – додава Поп Марков.
Од ова охридско семејство велат дека во минатото имале проблеми со каменот, бидејќи несовесните граѓани и туристи често пати знаеле да го остават ѓубрето во него.
„Порано сме имале проблеми со каменот, бидејќи туристите и граѓаните кои поминувале оттука мислеле дека е корпа за отпадоци. Често пати фрлаа ѓубре, па за да го решиме проблемот одлучивме да поставиме плоча. Исто така, знаеле и да засадат цвеќа, растенија или да го наполнат со земја.“ – вели Поп Марков.
Со оглед на неговата сличност со бетонските корпи за отпадоци, граѓаните неколку пати апелираа и бараа од надлежните да се врати „корпата“ во првобитната состојба.
узурпираните корпи во старото охридско јадро
Инаку, во овој дел на градот бетонските корпи најчесто се узурпирани од граѓаните, а поради тоа постои дефицит од истите.
О.Т.