Децентрализацијата е најважната работа за Македонија и е тесно поврзана со демократизацијата. Сега немаме ниту децентрализација, ниту демократизација на општеството. За сите работи одлучува еден човек, а со тоа не може  да се гради демократска држава, смета градоначалникот Александар Петрески кој се обрати на денес оддржаната јавна дискусија на тема: „ Локален развој и подобар животен стандард“.

Како што нагласи Петрески, процесот на децентрализација наместо да се движи по нагорна линија, во моментов се враќа наназад, пред се поради носењето на законот за туристички развојни зони, како и измените на законот за градба и урбанистичко планирање.

Само пред неколку месеци го добивме на управување државното земјиште, а пред неколку недели со законот за туристички развојни зони тоа ни се одзеде, што потсетува на повторна национализација на земјиштето. Ќе ни се случуваат крупни работи за кои ние како охриѓани воопшто не ќе можеме да реагираме. Со одземање на ингеренциите во урбанизмот, со законот за туристички развојни зони, ингеренциите кои ни беа доделени во 2007 во областа на урбанизмот повторно се  враќаат во министерството за транспорт и врски, па сега граѓаните кои живеат во овие зони, за одобрение за градба повторно треба да одат во Скопје, рече градоначалникот Петрески.

На ставот дека процесот на децентрализација е запрен и во стагнација е и Јани Макрадули, потпретседател на Собранието на РМ и кандидат за градоначалник за Град Скопје.

Тоа е мислење и на граѓаните, а тоа го потврдува и извештајот на Европската комисија во кој се  зборува за нетранспарентно префрлање на средствата од централната на локалната власт, фаворизирање на некои општини кои се миленици на власта и дискриминација на општините кои се предводени од градоначалници на опозицијата. Не може една држава да се развива ако не дозволи општините да се развиваат. За жал многу малку средства се префрлаат за проекти кои се значајни за секојдневниот живот, наспроти тоа јавно се трошат во Скопје за бетон и мермер кој не им носи на граѓаните никаква корист, вели Макрадули.

На денес оддржаната јавна трибина се обрати и пратеникот во Собранието на РМ и кандидат за градоначалник на Битола, Менде Диневски, како  и Горан Јешиќ од Република Србија, потпретседател на владата на Војводина и поранешен градоначалник на Инџија, и Дамир Матељан од Република Хрватска, пратеник во Собранието на Република Хрватска и градоначалник на Камање.

Трибината се одржа во организација на ПРОГРЕС Институтот за социјална демократија и Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје.

Тања Кувенџиска