Баркад Абди од Сомалија оваа година на Оскарите беше номиниран за најдобра споредна машка улога во филмот „Captain Phillips“ (Капетан Филипс), а во истата категорија победи на наградите БАФТА.

Иако е ѕвезда на успешен филм, тој сепак има сериозни финансиски проблеми. Абди (28) пред две години за својата улога доби само 65.000 долари, пишува The New Yorker.

Во меѓувреме филмот заработи над 200 милиони долари, а Абди позајмува облека за доделувањата на наградите на кои е номиниран.

Пред да добие филмска улога, тој работел како возач на лимузина. Во текот на сезоната на доделување награди, студиото „Columbia Pictures“ му плаќало соба во хотелот „Beverly Hilton“ и му позајмувало одела за прес конференциите и црвените килими на БАФТА и Оскарите. Сега, преживува од џепарлакот што му го давало студиото.

Абди сега планира да се пресели во Лос Анџелес и да дели кирија со Фајсал Ахмед, колега од филмот.

OhridNews
извор:„Макфакс“