Интеграцијата во Европската унија е од суштинско значење за безбедноста и стабилноста на државите во регионот сметаат експертите. Според нив само на тој начин државите од Балканот можат да ги превенираат внатрешните кризи и надворешни закани, во спротивно може повторно да се соочат со сериозни безбедносни предизвици.

-Што значат европските интеграции од безбедносен аспект? Постои еден сигурен гарант внатре од различни внатрешни конфликти и закани од надвор. И затоа и да не бидеме примени потребно е да ги завршиме обврските за членство независно кога ќе станеме членка, тоа ќе биде своевиден гарант  за стабилноста и безбедноста.– вели Проф.Никола Дујовски  од Факултетот за безбедност од Скопје.

-Поради тоа што Балканот отсекогаш бил точка на судири на геополитички и секакви други интереси, сметам дека ЕУ е историска константа и национален интерес на сите држави на просторот на поранешна Југпославија, но и пошироко во регионот. Мултиполарноста во светот бара балканските држави во секој смисол да го најдат своето место во европските интеграциски процеси за да избегнат кризни ситуации, можеби и поголеми од тие пред 15 – 20 години. Со тоа ќе можат да се амортизитаат не само внатрешните судири, туку и глобалните безбедносни закани како што се тероризмот и организираниот криминал.-смета Проф.Младен Бајагиќ-експерт од Србија.

Колку всушност се важни евроатлантските интеграции говори примерот на Хрватска која идниот месец ќе и пристапи на ЕУ.

-За Хрватска највисок приоритет беше интеграцијата во НАТО и ЕУ. Во НАТО влеговме во 2009 година, и со самото тоа е прекинат тој  транзициски процес во Хрватска која сега е стабилна држава.  Влегуваме во ЕУ на 1 јули 2013 и сметам дека со тоа дефинитивно ќе го заокружиме сопствениот сигурносен концепт, кој е составен дел од безбедносната архитектура на Европа, што од друга страна е и позитивен сигнал за целиот регион.-вели Маријана Мусладин – експерт од Хрватска.

Хрватска ги заврши преговорите за членство во ЕУ за 5 години. Домашните екперти сметаат дека Македонија тој процес може да го мине и побрзо, но не се оптимисти дека истиот би можел да отпочне без решавање на спорот за името, како најголемо отворено прашање, иако земјата ја мачат и други проблеми во односите со соседите.

-Сите наши соседи имаат апсирации кон Македонија, во поглед на територија, име, јазик, црква… Но реална закана по директната безбедност не постои. Постои закана или можност за одолговлекување на стабилизациските процеси. За дваесетина денови ќе имаме повторно уште едно одлагање за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, веројатно и Србија ќе се соочи со одлагање, додека Црна Гора многу бвавно напредува но нема проблеми со соседите и тие пополека ќе го завршат процесот. Ние, зависи кога ќе почнеме.-додава професорот Дујовски.

За безбедносните предизвици во регионот се дебатира на тридневната Меѓународна научна конференција “Балканот меѓу минатото и иднината: безбедност, решавање на конфликти и евро-атланската интеграција”, што од вчера се одржува во Охрид во организација на  Факултетот за безбедност од Скопје.

Г. Момироски