Првата изведба од авторското дело на српскиот театарски уметник Јозеф Наѓ “Без наслов” е вечерва со почеток во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Претставата ќе имаат можност да ја проследат само 56 гледачи, поради специфичноста на посебно изработената сцена за оваа намена.


Само под светлоста на свеќата, на сцената ќе се појават Јозеф Наѓ и неговата партнерка во претставата Ане Софи Ланселин.

„ Она што ќе го прикажеме на сцената овде во Охрид е најновата верзија на претставата која се разликува и од неодамнешната премиерна изведба во Прага. Поради ограничување  на просторот во коцка, самата минималност дава подобра можност од било кое друго место, да се покажеме во најдобро светло,“ вели Наѓ за претставата која е негово најново дело во кое се јавува како комплетен автор.


Авторот се занимава со многу тесни врски помеѓу природата и цивилизацијата, животинскиот и човековиот свет, односот меѓу машко-женските принципи во симболичка смисла.
 
Јозеф Наѓ е роден во Кањижа (1957), средно уметничко завршил во Нови Сад, а подоцна започнува да учи етнографија и музика за директно да се вклучи во светот на пантомимата. Оттаму заминува во Париз каде учел од Марсел Марсо, а потоа и кај Етиен Деко. Паралелно се запознава со различни источни вештини, со акробации за модерни танцови. Наѓ своите инспирации ги црпи од своето детство и од местото во кое израснал.

Претставата Без наслов ќе има уште две изведби- утре со почеток во 17 часот и 21 часот.

OhridNews