Претседателот на Пари Сен Жермен, Насер ал Келаифи, изјавил дека Карло Анчелоти ќе го предводи тимот и следната сезона и дека се надева дека Дејвид Бекам ќе остане во Париз.


„Анчелоти е под договор уште една сезона. Во моментов сме први на табелата со седум бодови предност во однос на Марсеј, а се пласиравме во четвртфиналето во Лигата на шампиони и во Купот на Франција. Анчелоти заврши одлична работа“, рекол Ал Келаифи за „Лекип“.

Првиот човек на ПСЖ нагласил дека клубот сака да ја продолжи соработката со Анчелоти, но и со Дејвид Бекам чиј договор истекува во јуни.

„Искрено сакаме да биде во клубот и следната сезона, тој е фантастичен и на теренот и надвор од него, ќе разговараме со него. Тој позитивно влијае на екипата“, дополнил Ал Келаифи.

Претседателот на ПСЖ, напомнал дека тимот се наоѓа пред голем предизвик во Лигата на шампиони, во вторник во Париз ќе гостува Барселона.

„Да бидеме реални, ќе играме против најдобриот тим на светот. Верувајте дека играчите ќе дадат 200 отсто од своите можности, бидејќи овој натпревар ќе биде повеќе од фудбал“, заклучил претседателот на ПСЖ.

“Макфакс“