Првата средба меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Никола Груевски и Зоран Заев, по помалку од два часа во Клубот на пратениците, заврши без резултат. Како што соопшти Заев, оваа средба во четири очи, која требало да биде и подготовка за политички дијалог, завршила без успех бидејќи Груевски ја одбил можноста за формирање на техничка влада која би работела на подготовка на слободни и фер избори. За останатите четири барања, кои беа услов на СДСМ за продуктивен политички дијалог за надминување на политичката криза не ни станало збор.

Премиерот Груевски по средбата изјави дека засега се работи за неуспешни преговори и објави дека не е прифатливо барањето на СДСМ за техничка влада.

– Разговорите поминаа во коректна атмосфера и се течеше добро, но некаде на крајот на разговорите господинот Заев побара техничка влада. Тоа е нешто што ние не можеме да го прифатиме, бидејќи сега скоро формиравме влада. Мене ми личи дека некој го посоветувал ова да го бара, ова формирање на техничка влада, додаде Груевски.

OhridNews

фото Телма