– Тоа е смешно за таа количина мрежи која три пати ќе го прегради езерово. Многу институции се во една спрега која мора да се прекине за да се реши овој проблем. Ние остануваме на ставот дека треба да се формира рибарска полиција по примерот на шумската полиција која ќе биде надлежна за езерото и која ќе биде обучена, и вооружена затоа што и рибокрадците сега се современи и имаат софистицирана опрема за риболов, така да мора да се најде некое решение да се прекине овој криминал-вели Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“.
Незаконски уловената риба завршува на нелегалниот пазар и во рестораните во Охрид, укажува Димитриески, според кого, симптоматично е однесувањето на инспекциите и службите одговорни за заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро.
– Има инспектори за рибарство и има рибочуварска служба кои треба да се директни учесници во заштитата на рибниот фонд, а еве тие до сега имаат 2-3000 мрежи запленето, а немаат ниту една пријава, што значи тоа, чекаат некој да фрли мрежи тие да појдат да ги соберат, рибата кај завршува не знам.-додава Димитриески.
Загриженост изразува и Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, од каде посочуваат дека неконтролираното уништување на рибниот фонд се должи на ниската еколошка свест на граѓаните и недостиг на системска заштита која заеднички треба да ја обезбедат Македонија иАлбанија.
– Заедничката акција подразбира сите министерства кои што се надлежни за заштита на Охридското Езеро и посебно за заштита на рибниот фонд заеднички да направат стратегија за физичко обезбедување на езерото од криволов, а потоа преку други системски мерки да се обезбеди квалитетно порибување-истакна Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Организациите за заштита на рибниот фонд сметаат дека за намалување на рибокрадството потребно е да се засили и неселективно да се применува казнената политика, посочувајќи дека целосната забраната за лов на сите видови риба на Охридското Езеро што на сила е веќе 7 години, во услови кога не е обезбедена ефикасна физичка заштита не дава резултат. Тие укажуваат дека оваа мерка предизвикува негативни последици и врз туризмот затоа што се однесува и на спортскиот риболов кој исто така е забранет, што наидува на негодување како кај домашните, така и кај странските гости.