Јужниот сосед годинава е најпривлечната дестинација за охриѓани. Евтините аранжмани чии цени за седумдневен престој се движат од 49 до 80 евра, придонесоа голем број наши сограѓани да се одлучат летниот одмор да го поминат во Грција.

Укинувањето на визниот режим придонесе овие аранжмани да побудат голем интерес, вели Елида Битрак од Туристичката агенција “Елида турс” .

– Сега полесно се патува и нема дополнителни трошоци. Мора да се признае дека Грција има долга традиција во работењето во туризмот и доста добро се снајде во ова време на криза- навреме ги снижи цените на аранжманите и направи успешна реклама со цел да ги привлече гостите. Освен тоа, во Грција туристичките работници добиваат високи субвенции од страна на државата, а и имаат и добра инфраструктура, вели Битрак.

Интересот пак за летување во Охрид е многу мал. Од туристичките агенции велат дека е незначителен бројот на странските туристи кои прават резервации за во приватното сместување или пак во некој од охридските хотели.

Проф. Зоран Тунтев од Факултетот за туризам и угостителство, смета дека една од причините за слабиот интерес е тоа што Охрид навреме не ги прилагоди цените на аранжманите. “Туристичките работници сега ги намалуваат цените, но од тоа резултатите може да ги очекуваме дури идната година, бидејќи годишниот одмор однапред се планира. Потребни се претходно најмалку 6 месеци промоција, за да се пробуди интересот и странските туристи се одлучат одморот да го поминат во Охрид. За среќа, каде ќе го поминат својот одмор, балканците одлучуваат во 5 до 12 и тука ја гледам надежта дека голем број од нив, привлечени од снижените цени ќе се одлучат сепак за Охрид”, истакна професорот Тунтев.

Туристичките работници, пак во Охрид не се согласуваат дека цените на угостителските услуги се високи. “ Споредено со оние во Грција, Србија и Бугарија може да се каже дека се и многу пониски. Точно е дека во Грција ќе платите малку за ноќевање, но ќе потрошите многу повеќе во рестораните или кафулињата” , вели охридскиот угостител Александар Силјаноски. “ Моменталната заработка ни е доволна само за да ги покриеме основните трошоци во работењето, затоа што кириите во Охрид се премногу високи. Ако ставиме цени пониски од овие, подобро да ги затвориме објектите” , додава Силјаноски. 

Туристичките експерти потенцираат дека најголемиот проблем е што не постои заедничка стратегија и што се измешани ингеренциите- секој постапува по сопствена иницијатива и не постои единствен настап на пазарот. Затоа, велат тие, резултатите се краткорочни, а туристите не одминуваат.

Т. Кувенџиска
Г. Момироски