Секторот за внатрешни работи Охрид за време на новогодишните празници ќе биде присутен на терен во централното градско подрачје, како и на оние места во приградските населби каде ќе има организирана прослава на Новата година.

За време на новогодишната ноќ, полициски службеници ќе бидат присутни со цел да нема нарушување на јавниот ред и мир, да нема имотни деликти, и основна и главна цел е новогодишната ноќ да помине во беспрекорен ред, да безбедноста биде и понатаму на високо ниво, и секако граѓаните и гостите кои ја слават Новата година во Охрид да се чувствуваат безбедно и сигурно, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Безбедносната состојба е стабила и поволна. Полициските тимови веќе се поставени онака како што треба да бидат, согласно нашите планови кои што се изработени, со цел беспрекорна безбедност за време на новогодишната ноќ. Во делот на сообраќајот Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај ќе биде присутна на фреквентните улици во централното градско подрачје, на патиштата надвор од Охрид, и целта е една и единствена, сообраќајната безбедност да биде на високо ниво, да нема сообраќајни незгоди. Контролите ќе бидат интензивни, со цел да нема возачи кои управуваат моторни возила под дејство на алкохол. Доколку тоа се случи толеранцијата кон нив ќе биде нула и ќе бидат преземени мерки за исклучување од сообраќај и одземање на возачките документи, по што ќе видат поднесени соодветни пријави, посочува Димоски.

Апелира до сите возачи на патнички моторни возила, крајно внимателно да ги управуваат своите возила, да ја почитуваат поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, да ги почитуваат насоките на полициските службеници при контролите, и на тој начин да придонесат за својата безбедност, за безбедноста на сопатниците кои што ги превезуваат во своите автомобили и се разбира за безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот.

СВР Охрид на традиционален начин и годинава ќе им посака Среќна Нова година на возачите со доделување на новогодишни лампиони на влезот на Охрид посакувајќи им притоа добредојде во Охрид, пријатни новогодишни празници и подигнување на безбедносната култура со цел беспрекорна новогодишна ноќ, вели Димоски.

Потенцира дека ќе бидат санкционирани сите кои нелегално ќе употребуваат пиротехнички средства во текот на новогодишната ноќ.

Пиротехниките средства се штетни по здравјето и оттука во изминатиот период, многу активно работевме во делот и на превенција со цел укажување пред се на најмалдите за опасностите кои што ги носи пиротехниката по психофизичкото здравје врз луѓето, односно врз младите во случајов, но и да им се појаснат законските обврски кога станува збор за нелегалната употреба, кој се, какви се казните за физичките лица.

Нагласи дека на подрачјето на Струга и Кичево биле запленети околу 23.000 нелегални пиротехнички средства, кои одредени лица нелегално ги набавиле и вршеле малопродажба на истите во деловни објекти.

Придонесот мора да биде на сите нас да нема несакани последици и од нелегалната употреба на пиротехнички средства и на тој начин навистина среќна да ни биде новогодишната ноќ и новата 2026, додаде Димоски.

Н.С.Ј.