Здружение за заштита на животни „Анималиа“ во обид за намалување на бројката на бездомни кученца и маченца, како и спречување на нивното патење на улиците, а со поддршка на Ohridnews, продолжува со објава на кученца и маченца кои се спремни за домче. Секоја недела ќе одат објави на нашата страна. Сите кученца и маченца се прочистени од внатрешни и надворешни паразити. И сите трпат промена на именцето!
Оваа недела се решивме да објавиме едно кученце, бидејќи многу ги објавивме веќе,но засега нема одзив од граѓаните. Зошто е тоа така, нема да навлегуваме подлабоко во анализа, релиси сите ги знаеме причините и оправдувањата кои најчесто се даваат за не вдомување. Иако кога го формиравме здружениево пред 2 години летавме со мисла дека и возрасни кученца ќе вдомуваме како алва. Сепак не се предаваме, сметаме дека набрзо секој човек ќе отвори за степен повеќе срцето и ќе ја пружи помошта и хуманоста во вид на дом за душенце. Едно чудо дворови зјаат празнии. А секое кученце, мало или големко, младо или возрасно, ја здобива вашата доверба ако тоа со љубов го исполните. Се разбира, и троа храна ќе треба, порачуваат од „Анималија“.
Запознајте ја Васка!
Старост: 2-3 годинки
Пол: женски
Состојба: стерилизирана, вакцинирана и чипирана
Васка е минијатура од кученце. Ја најдовме на улица, во фаза на парење, па околу неа едно чудо кучиња насобрани. Постоеше огромен ризик да настрада, многу луѓе реагираа на неа, па моравме да засукаме ракавите. Ја згриживме на импровизирано местенце, таму и се окучи. За огромна среќа нејзините малечки вкупно пет за брзо домче си најдоа. После тоа ја стерилизиравме, ја вакциниравме и чипиравме, па и маркица и’ ставивме на увцето како би ја вратиле на истото место каде ја заловивме. Неколку дена ја пратевме таму и делуваше видно уплашена, па се решивме пак да ја прибереме и да пробаме пак домче да и’ најдеме. Еден од многуте обиди е и овој денешниов. Душа од кученце е, подобно дури и за во станче да се чува. Ете, тоа што требаше да го кажеме за неа, го кажавме. Сега остануваат овие сличенца од неа и одлуката ваша да ја вдомете. Од нас ќе добиете и гратис елече, за на зима да биде главна женска дур шеткат на синџирче по кејот со газдата.
Доколку сте заинтересирани за вдомување, пишете ни порака на https://www.facebook.com/AnimaliaOhrid или пратете СМС порака на контакт телефон: 072 550 890 или 071 584 566.
Воедно, замолуваме и за донации, како би излегле на крај со трошоците за исхрана и за ветеринарни услуги. Сметката е:
Денарска сметка: 200002644723228
Депонент: Стопанска Банка АД – Скопје
Благодариме!
И да, најголемата донација е кога некој ќе вдоми некое кученце или маченце бездомно!
НЕ Е АНОМАЛИА ДА СЕ ПОМАГА И ДА СЕ БИДЕ ДЕЛ ОД АНИАМАЛИА!
OhridNews