Европскиот парламент, но и Комисијата и Советот веќе извесен период преговараат за предлогот на Европската комисија да се суспендира безвизниот режим, кој повлече бранови азиланти во европските земји.
– Преговорите пропаднаа, што значи дека механизмот нема бргу да биде воведен – изјавила за „Новости“ Тања Фајон, европска пратеничка и членка на Одборот за надворешна политика на Европскиот парламент.
Преговорите беа закочени од истите шест земји што минатата есен со писмо побараа брзо усвојување на механизмот за суспендирање на безвизниот режим поради страв од преголем број лажни азиланти. Најгласна била Германија, која ги предводела Франција, Шведска, Холандија, Белгија и Луксембург.
Според Фајон, Европскиот парламент дал флексибилен предлог за Западен Балкан, според кој, враќањето на визите би било можно само во случај на извонредно голем прилив на азиланти. Но, по противењето на шесте земји, преговорите пропаднале, Парламентот ќе заземе нова, потврда позиција, што значи долги и тешки преговори. Тоа, според весникот, остава простор Македонија и Србија да продолжат да го користат безвизниот режим со ЕУ.