Со помош од Владата на Република Македонија, други донатори и пред се верниците, како и со максимално залагање на монашкото братсво, познатиот Бигорски манастир, три години по опожарувањето го враќа автентичниот изглед, пренесува „МИА“.
Старите конаци, познати како Горни Палат, кои целосно изгореа во пожарот што избувна на 30 септември 2009 година, интензивно се градат.
– Ѕидањето со тули во внатрешноста на конакот е завршена, а во завршна фаза се работите на обновувањето на оштетените места на старите камени ѕидови, кај рамките на прозорците и на вратите, кои целосно се обновуваат со обработен тврд камен и бигор. Поставени се и камените плочи на покривот. Целосно се возобновени и манастирски фурни. Во меѓувреме се изработува и дрвената дограма за Горни Палат, изјави игуменот на манастирот, анхимандрит Партениј.
Досега за возобнвување на конаците потрошени се 1,5 милиони евра, а за целосно завршување на проектот потребни се уште милион евра. Од манастирот се надеваат на помош од Владата, како и сите добри луѓе.
– Доколку работите се одвиваат со овој интензитет, до следниот патрон на манастриот, односно 10 и 11 септември 2013 година, се надеваме свечено да извршиме осветување на Горни и Источен Палат, нагласи отец Партениј.
Во пожарот до темел изгореа стариот конак, двете трпезарии, гостинската просторија, кујната, библиотеката и монашките живеалишта. Со максимално залагање на пожарникарите од Дебар и Гостивар, беше спречено пламените јазици да ја зафатат и црквата, во која се наоѓа познатиот иконостас.
фото:„OhridNews“