Стоиме на ставот дека најдобро би било да нема никакви интервенции во водниот басен на Езерото. Но кога веќе одамна ги има, максимално мора да се почитуваат стандардите затоа што не смее ниту со најмала капка или зафат да се создаде услов за нарушување на стабилната состојба на Езерото, е ставот на Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридското езеро во врска со идејата за изградба на аеродром на вода на Охридското Езеро, која деновиве  ја промовираше Министерството за транспорт и врски.


–  Сме предлагале  да се донесат построги закони,мерки и забрани  за да се унапреди состојбата и заштитата.Очекуваме и науката и експертизата секако јасно да се изјаснат за секоја една идеја, меѓу кои и оваа, вели Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат .

Оттаму, додаваат дека како Билатерален Секретаријат не навлегуваат во  избрзаните и инструирани изјави на политички сегменти, затоа што заштитата на Охридското езеро не смее да биде предмет на дневна политика.

–  Ќе го следиме развојот на оваа идеја и ,нормално,  ќе реагираме и на најмал знак за евентуален проблем, вели Пановски.

Од Билатералниот секретаријат потенцираат дека За нив   прв приоритет  бил и ќе биде заштитата на водите во Езерото и сливот, поради што и се носат  еколошки проекти за заштита на вредните подрачја и заштита на водите.

–    Токму тој добар  статус на водата, заштитниот статус под УНЕСКО,заштитените подрачја во сливот, сочуваните природни и културни вредности треба да бидат  нашата клучна позиција во градење на туристичката стратегија за развој. Во тој развој  нормално е дека ќе се соочиме со разни идеи кои ги носи модерното време, додаваат од Билатералниот секретаријат за сливот на Охридското езеро .

OhridNews