„Билјанини Извори“ и „Плаошник“ засега се најинтересните локации каде што се кажува судбоносното „Да“ во Охрид. Според податоците на Управата за водење на матични книги на Република Македонија, освен на овие локации, охридските младенци најчесто имале желба граѓанскиот брак да го склучат во рестораните каде што се одвивала свадбената веселба.
Матичната евиденција говори дека надвор од просториите на матичното одделение, во првите пет месеци од 2014 година се венчале вкупно 10 брачни двојки од Охрид, додека пак во текот на 2013 година, надвор од службените простории, охридските матичари извршиле вкупно 47 венчавања.
-Иако Охрид изобилува со многу интересни и атрактивни локации за одржување на венчавки надвор од просториите на матичното одделение, тука не регистрираме голема бројка на бракови кои се склучени надвор. Најголема бројка на бракови склучени надвор од службените простории имаме во Скопје, изјави Ашим Зеќироски, директор на Управата за водење на матични книги, при посетата на Охрид во декември 2013 година.
Повисоки надоместоци за венчавките
Со почетокот на месец мај 2014 година, Управата за водење на матични книги го зголеми износот на надоместокот за склучување на брак надвор од службените простории. Надоместокот кој се плаќаше 3.000 денари сега изнесува 3.102 денари, за надоместокот кој се наплатуваше 3.300 денари сега изнесува 3.402 денари, додека пак надоместокот кој изнесуваше 6.600 денари сега изнесува 6.804 денари.
-Согласно член 3 од Правилникот за начинот и висината на трошоците за склучување на брак надвор од службените простории на Управата за водење на матичните книги, надоместокот се пресметува согласно официјално објавените податоци на Државниот завод за статистика на Република Македонија, по однос на просечната бруто плата за претходната година. Средствата што се наплатуваат по овој основ се користат за обнова на матичните книги, за превоз на матичарите до местото на склучување на бракот и безбедно враќање на матичните книги во матичните подрачја. Матичните книги се јавни исправи од трајна вредност кои бараат особено внимание при нивниот транспорт, не информираа од Управата за водење на матични книги од Скопје.
Од таму нагласуваат дека склучувањето на браковите во салите на матичните подрачја секогаш било и е бесплатно за сите граѓани.
Инаку Државниот завод за статистика деновиве објави дека во општина Охрид, во првите три месеци од 2014, биле склучени 58 бракови. Според податоците на Управата за водење на матични книги во текот на 2013 година на подрачјето на општина Охрид биле венчани вкупно 475 брачни двојки, што е за 56 бракови повеќе од 2012 година, кога биле рагистрирани 419 венчавки.
Е.М