МЈП Проаква не може да помогне да се ублажат последиците од сушата и намалениот водостој во каналот Студенчишта, каде поради недостиг на свежа вода, односно кислород,  дојде до помор на плашица. Директорот на „Проаква“, Златко Старкоски, на прес конференција, денеска, информираше дека сушата сериозно ја намалила издашноста на Билјанините извори кои во нормални услови имаат капацитет од 60-70 литри во секунда.

-Од тоа 30 литри користи Проаква, а уште триесет Хидробиолошкиот завод – ХБЗ, додека вишокот оди во познатите Билјанини извори. На крајот на 2011 и почетокот на 2012 година се соочивме со сериозни проблеми и намалена издашност, така што во моментов капацитеот на Билјанини извори изнесува 15 литри во секунда, од што поголем дел се отстапува на ХБЗ заради потребите на мрестилиштето, од каде таа се испушта во каналот.-објаснува Старкоски. Оттаму, посочува тој, не држат обвинувањата на риболовното здружение „Св. Апостол Петар“, бидејќи нема такви количини вода во Билјанини извори која може да ја ублажи состојбата во каналот Студенчишта.


Што се однесува до нормалното снабдување со вода на градот, Старкоски истакна дека не треба да се стравува, бидејќи недостатокот се надополнува со испумпување вода од станицата Метропол и водоснабдувањето се одвива редовно и без проблеми.

OhridNews.