Охридската полиција и викендов има полни раце работа. Во полицискиот билтен СВР Охрид информира за незаконско поседување дрога, присуство на малолетници во угостителски објект по по полноќ и возачи под дејство на алкохол.
Ноќеска во 01.10 часот, во СВР Охрид приведени се две млади лица од Охрид на возраст од 20 и 22 години.
При извршен преглед кај едно од лицата пронајдена и одземена е опојна дрога Марихуана. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Четириесет минути по полноќ, при контроли извршени во угостителски објекти, полициски службеници од СВР Охрид, во објект лоциран на плоштадот „Св.Климент Охридски“ затекнале шест малолетни лица.
Против правниот субјект и одговорното лице, кои овозможиле присуство на малолетници во угостителски објект по 24 часот, ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти портпаролот Димоски.
Исто така ноќеска, во 01.40 часот, на пресекот на улиците „Спас Банџов“ и „Партизанска“ во Охрид, приведен бил 46-годишен охриќанец.
При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „Хамер“ со американски регистарски таблици и при преземени мерки, констатирале дека тој возилото го управувал со 0.67 промили алкохол во крвта по што, бил агресивен кон нив упатувајќи им вербални навреди, информира Димоски.
Инаку, викендов биле извршени 52 контроли на возила, при што кај четири возачи било констатирано присуство на алкохол над дозволеното.
Тие веднаш се исклучени од сообраќај, одземени им се возачките документи и поднесени им се соодветни платни налози, посочи портпаролот на СВР Охрид.