СВР Охрид поднесе кривична пријава против 40 и 42-годишни лица, двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Тешка телесна повреда“.

На 22.09.2025 година во 16 часот кај автокампот „Андон Дуков“ во Охрид, настанала вербална расправија помеѓу пријавените и 70-годишно лице од Охрид по што, пријавените физички и со повеќе други предмети, го нападнале 70-годишното лице кое набрзо, со возило на Итната медицинска помош било префрлено во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. По извршениот увид, од местото на настанот пронајдени и одземени се два ножа, една пента и едно дрвено весло, а по наредба на јавен обвинител, двајцата пријавени беа лишени од слобода и задржани во полициска станица, информираат од СВР Охрид.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 19-годишно лице од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Убиство во обид“.

Тој, на 14.09.2025 година во 05.10 часот, во продажен објект, а потоа и надвор од објектот, лоциран на улицата „Партизанска“ во Охрид, со нож нападнал 20-годишно лице од Охрид. Напаѓачот веднаш беше лишен од слобода а повредениот, со возило на Итната медицинска помош беше префрлен и задржан на лекување во Општата болница во Охрид, посочуваат.

На 23.09.2025 во 23 часот во Охрид, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид од слобода лишија 29 и 31 годишни лица, двајцата од Куманово.

При претрес извршен по судска наредба, во стан кој го користеле во Охрид, пронајдени и одземени се бела прашкаста материја, пари и други предмети со остатоци од бела прашкаста материја. По целосно документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews