На 23.07.2026 во 03:40 часот на улица „Димитар Влахов“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид приведоа 38-годишно лице од Охрид кој претходно, пред казино на улицата „Димитар Влахов“ го нарушил јавниот ред и мир со непристојно однесување.

По преземени мерки, кај него се измерени 1,82 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од СВР Охрид.

На 23.07.2026 во 04:40 часот на кружната крстосница на булеварите „Туристичка“ со „АСНОМ“ во Охрид, патничко возило „ауди“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 38-годишно лице од Охрид, излетало од патот.

По преземени мерки, полициските службеници кај возачот констатирале 1,51 промили алкохол во крвта, по што веднаш го исклучиле од сообраќај. По насоки на јавен обвинител, возилото е одземено и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување моторно возило“.

На 22.07.2026 во 23:10 часот во СВР Охрид било пријавено дека на ул.„Живко Чинго“ во Велгошти се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен“ со охридски регистарски ознаки, управувано од лице од Охрид и мотоцикл „педа“ со охридски регистарски ознаки, управуван од 19-годишно лице од Охрид.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Охрид.

На 22.07.2026 во 12:05 часот во СВР Охрид било пријавено дека на плоштадот „Св. Климент Охридски“ во Охрид, 31-годишна жена од Охрид, физички нападнала две малолетни лица.

По целосно расчистување и документирање на настанот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против правен субјект – угостителски објект од Охрид и против сопственикот и управителот од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „точење алкохолни пијалаци на дете“.

При контрола во објектот на улица „Партизанска“ во Охрид, полициските службеници констатирале дека на 14 – годишен малолетник од Охрид на кого му било овозможено да користи алкохолен пијалок без да му биде побаран документ за идентификација и утврдување на возраста. По консумирањето на алкохолот, малолетникот паднал во бессознание, по што бил пренесен во Општата болница во Охрид, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews