На 26.07.2026 во Охрид полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид лишија од слобода 30, 32 и 33-годишни лица, сите од Прилеп.

На 26.07.2026 во 01:20 часот во спортскиот центар „Билјанини извори“, за време на одржување на концерт, полициски службеници го лишија од слобода 30 годишното лице затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја. Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во станот, кој го користел заедно со другите две лица, при што биле пронајдени и одземени марихуана, повеќе таблети, грендери со остатоци од марихуана, стаклен предмет со печурки, како и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело, велат од СВР Охрид.

Посочуваат дека лицата се задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 26.07.2026 во 06:30 часот пред казино на ул.„Абас Емин“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид лишија од слобода 28-годишно лице од Словенија, постапувајќи по претходна пријава дека, во станот во кој престојувале во Охрид, агресивно се однесувал и физички ја нападнал неговата 21-годишна девојка.

Од Основен суд Охрид му била определена мерка притвор во траење од осум дена и бил спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Охрид за издржување на мерката, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews