На 16.08.2023 во 22.57 часот во СВР Охрид, пријавено е дека во угостителски објект на „ Кеј Македонија“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со гласна музика.
Од извршената контрола и мерење со фонометар за мерење бучавост, констатирана е јачина на бучава од 39,3 децибели, што е над дозволената вредност од 35 децибели. По целосно документирање на настанот, против правното и одговорното лице ќе бидат поднесени соодветни пријави, велат од СВР Охрид.
На 16.08.2023 во 15.45 часот, на улицата „Марко Нестороски“ во Охрид, 49 годишно лице од Охрид, управувајќи мопед „сим“ со скопски регистарски ознаки изгубил контрола и со мопедот паднал на коловозот.
Возачот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Специјална болница „Св. Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Охрид.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 56 годишно лице од Прилеп, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
Тој, на објава на еден портал на социјалната мрежа Фејсбук, напишал коментар со недолична содржина со кој ширел говор на омраза.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 65 годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.
Тој, на катарстарски имот во Охрид во државна сопственост, без соодветно одобрение од надлежен државен орган, извршил доградба на деловен простор.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 63 годишно лице од Охрид поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и „несовесно работење во службата“.
Тој, од 2020 година во својство на службено лице- вработен во Националниот парк „Галичица“, не изготвувал или уништувал записници за сеча на дрвна маса во месноста „Јадера“, атар на селото Трпејца, вршел наплата на дрвна маса во готово и на граѓани им изготвувал фалсификувана документација, додаваат од СВР Охрид.
OhridNews











